Онлајн игра за учење: одлука за утре!

Преспа е значаен природен екосистем и мора итно да се заштити од несоодветното управување со отпад. Правилното управување со отпадот е од суштинско значење за спречување на загадувањето, зачувување на ресурсите и промовирање на одржливи практики. Справувањето со отпадот, исто така, претставува можност за создавање на работни места и за економски развој. Со ефикасно управување со отпадот можеме да го намалиме нашиот целокупен еколошки отпечаток и да промовираме поодржлив начин на живот. Во суштина, доброто управување со отпадот не е само за управување со ѓубрето; туку заштита на нашето здравје, животната средина и економијата за сегашните и идните генерации. 

ТВОЈОТ ПРЕДИЗВИК Е:

Ти си градоначалник/чка на општина и треба да го водиш процесот.
 
Одлучи што понатаму:

Старата локација за депонирање на отпад во Преспа е речиси полна и постојано гори. Селекцијата на отпадот во домаќинствата е незначителна, а фрлање на отпадот низ природата е честа појава и се создаваат буништа насекаде. Преспа е значаен природен екосистем и мора итно да се одлучи што понатаму.

Изградба и одржување на нова санитарна депонија за правилно депонирање на отпадот, наместо фрлање во природа? Депониите сè уште се значаен дел од управувањето со отпад бидејќи тие обезбедуваат одреден простор за отстранување на нерециклиран отпад, помагајќи да се спречи ширењето на болести и да се одржат заедниците чисти. Иако тие не се совршено решение и имаат влијание врз животната средина, сепак остануваат неопходна компонента на системите за управување со отпад, особено за материјали што не можат да се рециклираат или компостираат, а што сè уште претставува значаен дел од нашиот отпад.

Модерните депонии имаат системи за управување со емисиите на исцедок (течност произведена со распаѓање на отпад) и гасови (метан), намалувајќи го нивното влијание врз животната средина. Во некои случаи, депониите може да се користат за собирање на метанот произведен со распаѓање на отпадот и претворање во енергија, дополнително намалувајќи ги емисиите на стакленички гасови кои, пак, влијаат на промена на климата.

Селекција на изворот! Поставување на контејнери за селекција на отпадна пластика, стакло, хартија и органски отпад. Селектирање на отпадот во соодветните канти и контејнери или на собирните места означени од општината за други видови на отпад од домаќинствата, како на пример стара електрична опрема, стар и неупотреблив мебел, бои или неупотребливи лекови итн. Органскиот отпад треба да заврши во кантата која ќе биде однесена во компостара. Потребно е воведување на примарна селекција на отпад, но населението не е доволно подготвено.

Во интерес на општината е да ги зачува природните вредности на Преспа, да го поттикнете развојот на туризмот, да стави ред во начинот на кој се користат природните ресурси и да обезбеди подобар животен стандард за локалните жители.

Од друга страна, свесни сте дека постојат бројни спротивставени интереси. Плантажите со јаболка, кои произведуваат најмногу органски и отпад од пестицидите, мора да опстанат бидејќи се важен дел од економијата во Преспа и државата. Дури 80% од населението егзистира од одгледување на јаболка.

Воведување на нов или унапредување на постојниот систем за управување со отпад може да предизвика дополнителните трошоци и за населението и за бизнисот. Веројатно ќе поскапе и услугата за собирање или одлагање на отпадот за граѓаните, а голем дел од населението има ниски приходи и тоа секако ќе влијае на животниот стандард во домаќинствата. Бизнис секторот е веќе нестабилен и новите давачки за отпадот ќе доведе до незадоволство за бизнис партнерите на општината.

Дополнително, генерално, населението сѐ уште не е еколошки освестено и едуцирано за промени во навиките за управување со отпадот. Сето ова може да води кон губење популарност кај потенцијалните гласачи за изборите кои се наредната година.

Владата обезбедува фонд преку заем што може да го поддржи процесот на воспоставување на нов систем за управување со отпад, што подразбира задолжителна селекција и изградба на депонија и е во корелација со обврските што државата треба да ги исполни кон заштитата на животната средина.

Како би постапиле во ситуацијата?