Преспанско Езеро сѐ уште се „држи“, ама до кога?
Иако ниту една институција во Македонија не ја испитува посебно употребата на пестициди во овоштарството и влијанието врз Преспанско Езеро, сепак експертите предупредуваат дека со неконтролирана и неправилна употреба на пестицидите пред сѐ се загадува водата затоа што при примената на пестициди, многу од хемикалиите содржани во нив можат да го нарушат квантитетот на хранливите материи и кислородот во езерото. Тие предупредуваат дека со неправилната употреба на пестицидите се губи и биолошката разновидност, пестицидите можат да влијаат на локалните видови риби и други водни организми, со што се зголемува ризикот од намалување на биолошката разновидност во екосистемот на езерото. Освен ова, пестицидите можат да влезат во синџирот на исхрана, влијаејќи на птиците и другите животински видови што се хранат со риби или водни организми, што може да придонесе за зголемување на токсичноста во организмите.
Според професорот Душко Мукаетов од Земјоделскиот институт при УКИМ, добиените резултати од досегашните анализи на почвени проби, во најголем дел направени на длабочина до 60 сантиметри, укажуваат на голема хетерогеност во однос на обезбеденоста со основните макроелементи како потенцијални загадувачи на водите (N, P, K), од многу ниска обезбеденост до многу висока обезбеденост, што е штетно. За оптимизирање на количеството на минералните ѓубрива, земјоделците треба да пронајдат начини да ја зголемат ефикасноста и да го заштитат квалитетот на почвата и водите. Сепак, сѐ уште недостига едукацијата за правилно ѓубрење и негово оптимизирање.
Д-р Мирјана Димовска, раководителка на одделението за безбедност на вода, санитација на животната средина и здравствена екотоксикологија при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вели дека мониторингот што го врши институтот е со акцент на микробиолошкиот квалитет и физичко-хемискиот состав на површинската вода, од причина што водите од природните езера во Македонија се користат за различни намени. Од пред четири години, обемот на анализи на водата од Преспанско Езеро бил зголемен и со радиолошки анализи и во однос на ова, Димовска потенцира дека во водата на Преспанско Езеро не е детектирана зголемена алфа- или бета-радиоактивност.
Целата сторија на МКД.мк прочитајте ја на ОВОЈ ЛИНК.
Со оваа сторија, МКД.мк ја поддржува кампањата за управување со отпад „Преспа, Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е поддржана од Европската унија.
