Од отпад до ресурс – земјоделци носители на промените во Преспа
Во семејството Фузевски од Ресен, ништо од природата не завршува како отпад. Остатоците од овошјето, зеленчукот, тревата и гранките ги собираат, ги претвораат во компост и повторно ги враќаат во почвата. Веќе десет години на овој начин одгледуваат малинки, компири, аронија… Сега, нивниот следен чекор е пермакултурата, пристап во земјоделството што се потпира исклучиво на природните процеси. Во дрвени рамки се формираат леи полнети со слоеви органски отпад, чие разградување создава богата хумусна почва.

„Во овој дрвен сандак најдолу е дренажата од дрва и гранки што се во фаза на распаѓање, потоа редиме слој земја, после почнуваме со сува материја, слама или сено. Потоа следуваат компост, повторно слама и сено и компост, а тука се садат растенијата“, објаснува Игор Фузевски, земјоделец од Ресен.
Фузевски е дел од кампањата „Преспа во круг: Компостирај. Трансформирај!“ на Мрежата за рурален развој, финансирана од „ЕУ за Преспа“. Земјоделците добија седум практични решенија за искористување на био-отпадот.

„За да се создаде компост треба одредено време да помине, меѓутоа ги имаме првите резултати. Добивме компостен чај, кој е висококвалитетен производ, а со помош на калифорниските црви создадовме и добар слој вермикомпост. Исто така пермакултурата ја засадивме, се одгледува на неа растенија“, вели Глигор Колев, агроном.
Целта е органскиот отпад да не се гледа како нешто што треба да се фрли, туку како ресурс од кој може да се создаде нов производ.
„Наместо остатоците од земјоделското производство и храната да завршуваат на депонија, тие можат повторно да се искористат и да се вратат во почвата. Така, отпадот станува ресурс за ново производство, а земјоделството може да има помало негативно влијание врз животната средина во Преспа“.

Во Царев Двор, на семејната фарма „Спирит оф Преспа“, Ана Лабор применува интегрирано земјоделие, но и решенија за поефикасно производство.

„Како дел од одржливите практики што ги применувам се и соларните панели. Пумпите за наводнување ги напојуваме со електрична енергија што самите ја произведуваме. Имаме и систем за автоматско наводнување, кој ми овозможува да заштедам вода и да ги наводнувам јаболката само онолку колку што им е потребно“, објаснува Ана Лабор, овоштар од Царев Двор.
Технологијата нуди дополнителни можности за поефикасно управување со земјоделското производство. Платформата DingMk, преку сензори, може да ги следи временските услови и состојбата на почвата во овоштарниците.

„Можеме да поставиме сензор што ќе ја следи состојбата на почвата во кореновата зона на јаболкниците. Во комбинација со податоците за временските услови во следните неколку часа, тоа ни овозможува да процениме дали е потребно наводнување или се очекува дожд“, вели Благојче Количевски, платформа Ding.mk.
Сите овие примери од Преспа покажуваат дека постојат различни начини земјоделското производство да стане поодржливо.
„Природата ни враќа онолку колку што вложуваме во неа, а важно е да оставиме нешто добро и за идните генерации“, вели Фузевски.
Решенија постојат, но предизвикот е што поголем број земјоделци да ги променат досегашните навики и да применуваат поодржливи практики за да се зачуваат биодиверзитетот и природните богатства на Преспанскиот регион.
Новинар: Емилија Мисирлиевски
Прилогот го изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС), во рамките на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, преку проектот „Поттикнување на промени во однесувањето со граѓаните за подобрување на практиките за управување со отпад во регионот на Преспа“, поддржан од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.
