„Не можеме само да земаме од природата, мора да ја заштитиме“ – поткаст со Андреа Соколовски

За тоа како технологијата може да помогне во заштита на животната средина, разговараме со Андреа Соколовски од „Агримак“.

Можете ли да ни кажете што е всушност „Агримак“ и како функционира?

Нашиот почеток беше да воспоставиме комуникација со земјоделците, преку која на лесен и едноставен начин ќе ги добиваат сите повици, односно пораки со информации  од областа на земјоделството и финансирањето. Потоа овој потсетник прерасна во мобилна апликација што служи за менаџмент на фарма, односно за управување со земјоделско стопанство.

Апликацијата има повеќе модули што се користат за зголемување на приносите, за намалување на трошоците и секако заштита на животната средина.

Може ли подетално да ни кажете како функционира оваа апликација кога ќе ја отвори еден земјоделец? Има ли секој бесплатен пристап до оваа апликација и што може да внесе во апликацијата како податок и како потсетник?

Оваа апликација е создадена специјално за земјоделските стопанства, односно за земјоделците што се занимаваат со растително производство. Во иднина планираме да биде наменета и за сточарското производство, но засега е фокусирана на растителното производство.

На почетокот корисниците треба да создадат кориснички профил. Тоа се прави на брз и едноставен начин, со внесување основни податоци со кои располагаат земјоделците. Потоа внесуваат податоци во однос на користењето семенски материјал, употребата на вештачки ѓубрива, пестициди итн. Сите овие податоци се собираат и се сумираат со една цел, да се оптимизираат процесите што ќе следуваат во понатамошниот тек на производството.

Исто така апликацијата има и потсетник, односно она што го споменавме на почетокот, модул за известувања, преку кој ги информираме земјоделците не само за повиците, туку и за други важни настани. Еве сега на пример, имаме склучено меморандум за соработка со Јавното претпријатие „Стрежево“ – Битола и ги информираме за секој дефект или друга состојба што ќе настане во системот за наводнување.

На овој начин ние сакаме брзо и едноставно да им ги соопштиме на земјоделците информациите што треба да ги добијат навреме. Исто така имаме и чет преку кој можат директно да се обратат до некој од операторите вработени во „Агримак“ и да добијат корисничка или некој друг вид поддршка при преземањето одредени агротехнички мерки.

Исто така имаме и агро калкулатори за пресметка на семенски материјал, вештачко ѓубриво и заштитни средства.

Да бидеме поконкретни во однос на заштитата на животната средина со помош на оваа апликација. Дали тоа значи дека кога земјоделецот ќе ја внесе во таа апликација површината на земјиштето, може да добие совет колку ѓубриво треба да употреби и како функционира апликацијата од аспект на заштита на животната средина?

Со евиденцијата што ја води фармерот, односно земјоделецот, добиваме точни информации, па одлуките за ѓубрење и користење заштитни средства не се носат само врз основа на сопственото чувство на земјоделецот.

Со запишувањето на сите активности што ги извршува во земјоделското стопанство, тој добива повратна информација и во иднина ќе може да носи информирани одлуки засновани на податоци. На тој начин ќе ги намали, односно ќе ги оптимизира трошоците во делот на користење на ѓубриво и пестициди. Нема потреба да користи пестициди на земјоделската површина, со што ќе се намали и загадувањето на овоштарниците во Преспа. Секоја култура има посебни потреби од одредени елементи.

Нема да навлегувам подетално бидејќи не сум агроном, но ќе кажам дека азотот, фосфорот и калиумот се макроелементи потребни за растот и развојот на секое растение. Секое растение има различни потреби. Доколку ние го знаеме количеството што сме го употребиле претходната година, можеме да донесеме добра одлука за наредната година. Во Преспа најчесто станува збор за повеќегодишни насади и важно е да знаеме колкаво количество азот, фосфор или калиум е потребно.

Истото важи и за пестицидите. Тие мора да се користат во период што соодветствува на фазата на развој на растението.

Доколку пестицидот се користи соодветно, нема да има проблем, односно ќе се употребува во количества што се препорачани согласно упатството на производителот.

Контролирани ли се во однос на советите за пестицидите? Кои пестициди се дозволени а кои не се дозволени за употреба?

Базата што ја создадовме во „Агримак“ ги содржи само пестицидите што се наоѓаат на листата на дозволени средства за употреба на земјоделските површини и со конкретните култури за кои се користат, така што земјоделецот не може да погреши при евидентирањето, заради тоа што листата ја ажурираме секојдневно. Кога ќе пристигнат нови пестициди, ги додаваме, а ако некои се повлечат, ги отстрануваме од листата во „Агримак“.

Каков е интересот на земјоделците досега? Имате ли првични реакции?

Во моментов на апликацијата „Агримак“ има околу двесте корисници, додека за потсетникот има осумстотини корисници.

Значи, потсетникот е малку поразличен од апликацијата?

Тоа е СМС-потсетник и функционира независно од апликацијата. Но со текот на времето планираме неговата улога да ја преземе апликацијата и таа да ги информира земјоделците за сите новости, случувања и агротехнички мерки што треба да се преземат.

Апликацијата користи унифицирани термини, што значи дека сите активности се опишани онака како што треба и се јасни за земјоделецот, кој внесува само бројки и количества за активностите што ги извршува. Сè друго е дефинирано согласно стандардизираните термини.

Делува многу едноставна и лесна за користење. Се надевам дека ќе се зголеми бројот на земјоделци што ќе ја користат апликацијата во иднина. Меѓутоа, гледаме дека на терен се ангажирани многу луѓе кои со помош на технологијата помагаат во заштитата на животната средина во Преспа. Во рамките на документарниот филм „Секоја капка за Преспа“ разговаравме и со луѓето од „Преда плус“ акцелераторот.

Она што сакавме да го направиме е во ваквото земјоделско подрачје да воведеме одреден вид дигитализација и модернизација и едноставно да го направиме земјоделството подигитално и поиновативно. Тоа беше нашата цел.

Ние не го гледаме сето ова само како начин да ѝ се помогне на локалната заедница во Ресен. Пред сè, сакаме акцелераторот, во кој е инсталирана IoT технологија, да функционира како еден вид IoT лабораторија и да привлече иноватори, претприемачи и стартапи од цела Македонија. И оваа лабораторија да се користи како простор за тестирање и развој на иновативни производи, стартапи и други иновации – сè што може да ги подобри и да ги унапреди земјоделството, животната средина и искористувањето на ресурсите и се она што би било во линија со зелената агенда.

Андреа, слушнавме како функционира акцелераторот „Преда плус“. Тие се отворени за соработка со софтверски инженери и со сите што се заинтересирани на кој било начин преку технологијата да ѝ помогнат на Преспа. Отворени ли сте и вие за соработка?

Секако, отворени сме за соработка не само со акцелераторите, туку и со сите засегнати страни, во интерес на земјоделскиот сектор.

Во нашата држава земјоделството е основна гранка. Без многу нешта можеме да преживееме, но без вода, воздух и храна не можеме. Затоа земјоделството е основен сектор и сите ќе работиме во негов интерес.

Андреа, „Преда плус“ акцелераторот, користејќи Лора Ван-мрежа во Преспа, веќе има поставено сензори што значително им ја олеснуваат работата на земјоделците на терен. Можат ли овие сензори да се поврзат со вашата апликација, за земјоделците да имаат двојна корист од двата система?

Секако. Во иднина, покрај постоечките модули, планираме да имплементираме и нови модули во апликацијата, како и интеграција со овие системи. Тие ќе бидат од корист не само за земјоделците, туку и за научната фела, за да може во иднина да се направат добри совети и препораки.

Што се случува со вештачката интелигенција? Ја користите ли, планирате ли да ја користите и може ли таа да биде интегрирана во сето ова?

Секако, во моментов ние веќе користиме вештачка интелигенција во апликацијата. Имаме автоматско генерирање на технички предлог-проекти во делот на ИПАРД програмата, односно деловни планови во рамките на националните програми, со тоа што целата структура на бизнис планот е задржана, а само со внесување одреден вид податоци се креира целиот бизнис план, во согласност со намената за која е потребен.

Од целото искуство што го имате во овој процес, кој би бил заклучокот? Може ли технологијата да помогне во заштитата на животната средина?

Секако, и тоа како може да помогне. Информираните одлуки овозможуваат пестицидите и вештачките ѓубрива да се користат оптимално, без нанесување големи штети врз животната средина, односно правилно управување со земјоделските стопанства.

Ние не можеме само да земаме од природата. Почвата е ограничен ресурс и мора да ја заштитиме. Воздухот, исто така, мора да го заштитиме. Водата и тоа како мора да ја заштитиме, бидејќи знаеме дека и таа е ограничен ресурс.

Среќа што живееме во Македонија и што имаме доволно ресурси, односно доволно вода. Сепак, мора да се придржуваме кон заштедата на водата и кон намалената употреба на пестициди и вештачки ѓубрива, а исто така треба да се насочиме и кон органско земјоделско производство.

Поткастот го изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со ТВ Сител во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.

Поврзани објави