Технологијата во служба на земјоделството и заштитата на животната средина – поткаст со проф. д-р Петре Ламески

За тоа како технологијата може да придонесе за развојот на земјоделството и за заштитата на животната средина, разговараме со деканот на ФИНКИ, проф. д-р Петре Ламески.

Професоре, во јуни беше ставена во функција првата национална фабрика за вештачка интелигенција. Најавите беа дека еден од секторите во кои оваа национална фабрика за вештачка интелигенција ќе понуди решенија е токму земјоделството. На кој начин „Везилка“ ќе помогне во подобрување на состојбите во земјоделството?

„Везилка“ е дел од низа европски проекти, вклучувајќи ги и фабриките за вештачка интелигенција. Таа е сателит на грчката фабрика за вештачка интелигенција „ФАРОС“ и е дел од дигиталната инфраструктура на Европа, во која влегуваат и дигиталните иновациски хабови. Дополнително тука ги имаме и „Дигитмак“ и „ИНОФЕИТ“, како и „ЕУРОС СИСИ Хај Перформанс Компјутинг“ за пресметување со високи перформанси, онаму каде што ќе треба да се прават симулации.

Сите овие проекти имаат цел да помогнат во дигитализацијата. Тука „Везилка“ може многу да им помогне на малите и средните претпријатија кои работат во агробизнисот или во земјоделството. Тука се и дигиталните иновациски хабови. Доколку тие претпријатија во земјоделството не се подготвени директно да имплементираат продукти со вештачка интелигенција, односно им е потребно пониско ниво на дигитализација, тие можат да ги искористат овие хабови, вклучувајќи го и нашиот „Дигитмак“, за да добијат помош во процесот на дигитализација.

Во перформансните индикатори на овие проекти задолжително е ставено дека ќе бидат покриени компании од областа на земјоделството или паметното земјоделство. Сè зависи од нивните потреби, од тоа каков е нивниот бизнис и што сакаат да постигнат. Доколку дојдат кај нас, можеме да им помогнеме преку дигитализацијата да го постигнат она што го сакаат. Ако се подготвени, можеме директно да им помогнеме во развојот на прототип што ќе можат да го тестираат пред да го доразвијат во целосен продукт. Ако не се подготвени, ќе им помогнеме преку едукација.

Професоре, ајде да бидеме малку поконкретни кога зборуваме за проблемите во Преспа. Една од главните причини за проблемите на терен е токму начинот на кој земјоделството, односно земјоделското производство, влијае врз животната средина. Може ли ИТ-технологијата да биде еден мост меѓу земјоделците и животната средина, односно да придонесе за заштита на животната средина, а истовремено да им овозможи на земјоделците да ги остваруваат своите приходи и да ги обработуваат посевите онака како што очекуваат?

Кога зборуваме за дигитализација, генерално мислиме на прибирање информации од теренот, односно од местото каде што се одвива процесот на производство или растење на земјоделските култури. Во случајот со Преспа, станува збор за информации поврзани со наводнувањето: дали има потреба од наводнување, колкава е влажноста на почвата и колкаво количество вода реално му е потребно на растението, бидејќи и прекумерното и недоволното количество вода можат да дадат негативни резултати.

Уште подобро е доколку се прибираат и други податоци: атмосферски податоци, податоци за реалното загадување на почвата и воздухот, како и други информации што можат да се мерат со сензори. Сите овие податоци можат да се комбинираат и да се обработуваат со напредни алгоритми, вклучително и преку симулации што бараат пресметување со високи перформанси.

Со користење на вештачката интелигенција може да се најде оптимален начин за искористување на ресурсите, со цел да се добие максимален принос од единица земјоделска површина. Мислам дека токму тоа е целта на дигитализацијата – да се намали количеството ресурси што се користат, а истовремено да се зголеми приходот, со што производителот би станал порентабилен.

Професоре, во рамките на последниот документарен филм „Секоја капка за Преспа“, на терен разговаравме со претставници на акцелераторот „Преда плус“. Тие нудат систем заснован на Лора Ван мрежа, со сензори поставени во овоштарниците во Преспа, а отворени се и за соработка со земјоделците. Ќе слушнеме какво е нивното искуство и какво решение нудат.

Благојче, се наоѓаме во овоштарник во Преспа. Ова е опремата што ја имате поставено овде и преку која ги вршите мерењата. Можете ли да ни кажете од каде потекнува идејата да се направи вакво нешто?

Во процесот на дигитализација на земјоделството, првиот чекор е прибирањето податоци. Тие податоци мора некако да се прибираат преку интернет. Преку проектот заклучивме дека едни од најголемите проблеми со кои се соочуваат земјоделците се недостигот од интернет конекција во овоштарниците и нивната расцепканост. Земјоделците не можат едноставно да ги решат овие проблеми без притоа да вложат значителни средства во мобилни интернет конекции, телефони и друга опрема.

Направивме истражување и заклучокот беше дека најдоброто решение е инсталирање на таканаречена Лора Ван мрежа, која ќе го покрие регионот, при што секој од земјоделците ќе може, откако мрежата ќе биде поставена, да инсталира свој уред во овоштарникот, без притоа да плаќа надоместоци за интернет конекција.

Сакате да кажете дека овде во моментов нема интернет конекција?

Самите уреди немаат директна интернет конекција. Тие функционираат преку Лора Ван мрежата и двата гејтвеја што ги имаме поставено. Едниот гејтвеј е поставен тука, а другиот се наоѓа на зградата на училиштето. За среќа, зградата е  позиционирана на прилично висока точка и дава голема покриеност на целиот регион, можеби до границата со Албанија, каде што има отворен простор. На тој начин се  покриени сите овоштарници и секој може да инвестира само во сензор и уред за комуникација, без притоа да плаќа месечни претплати или да има потреба од дополнителна интернет конекција.

Професоре, ги слушнавме решенијата што во моментов ги нудат од „Преда плус“ акцелераторот, кој е уште еден проект поддржан од Европската Унија. Тие велат дека во оваа лабораторија во иднина ќе можат да работат ИТ-инженери од Македонија на решенија што би биле подостапни за земјоделците во земјава. Колку се стручни македонските ИТ-инженери и колку тие може да понудат решенија кои би биле подостапни, поевтини или практично би биле покорисни за употреба на овоштарниците?

Мислам дека се стручни. Тоа е уште еден начин на примена на вештачката интелигенција или уште една област на примена на ИТ-технологиите.

Генерално, сите области и индустрии имаат видено некаков бенефит од дигитализацијата, а нашите ИТ-инженери можат своето знаење да го применат и во земјоделството. Особено ми е драго што има вакви позитивни примери, во кои се користат релативно напредни технологии што можат да придонесат за натамошен развој на земјоделството преку дигитализација.

Самата Лора Ван мрежа постои одамна како можност. Мило ми е што веќе постојат организации и компании што се обидуваат да ја имплементираат и кај нас, за да можат и нашите земјоделци да ги почувствуваат придобивките од дигитализацијата.  Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје веќе има студиска програма „Дигитално земјоделство“ на Факултетот за земјоделски науки и храна, во која и ФИНКИ учествува со свои професори.

Таа е добра програма што на идните земјоделци би им била од корист за да се запознаат со современите технологии што можат да ги користат. Крајната цел е земјоделското производство да биде што поконкурентно на светскиот пазар. Во светот овие технологии се користат веќе со децении, а има и огромни инвестиции во развојот на паметното, роботизираното и автоматизираното земјоделство.

Мислам дека оние што сè уште не го направиле првиот чекор во таа насока треба да ги искористат овие ресурси, позитивниот пример што го видовме, како и проектите „Везилка“, „Дигитмак“ и другите проекти што би им помогнале во процесот на дигитализација. Сигурен сум дека има и повеќе проекти за кои треба да се заинтересираат, а за кои можеби ни ние не сме слушнале.

Се чини дека сме на почетокот на дигитализацијата во македонското земјоделство. Колку сакаат земјоделците да прифатат промени?  Секако, тоа не оди лесно и потребно е време за и тие да ја увидат користа од технологијата. Меѓутоа, во светски рамки, дигитализацијата во земјоделството не е нешто ново. За што сè се користи дигитализацијата во земјоделството во светски рамки?  Какви примери сте виделе досега?

Има многу примери. Постојат автоматизирани трактори за отстранување плевел, кои самостојно се движат низ плантажата. Тие се целосно автоматизирани, го уништуваат плевелот таргетирано, со минимално користење на хербициди. Некои од нив користат ласери или директно физички го отстрануваат плевелот.

Постојат и други примери во самото одгледување на растенијата, како што се откривањето болести и предвидувањето на приносот.

Кога ги имате и ги анализирате податоците, учите многу повеќе и за самиот процес. Постојат и такви алгоритми што овозможуваат на земјоделците директно да им се даде совет за мерките што треба да ги преземат сега, за во иднина да го зголемат својот приход.

Она што е најважно е дека не станува збор за претпоставки, туку имаме конкретни бројки и резултати што покажуваат како технологијата помага во заштитата на животната средина и во развојот на земјоделството како сектор.

Да, поентата е дека кога ги имате податоците и кога од нив можете да генерирате информации и знаење со користење алгоритми за анализа на податоци и вештачка интелигенција, вие веќе не носите одлуки врз основа на тоа што го кажал дедо ми, туку врз основа на моменталната состојба на нивата или на полето. Таквата одлука е многу подобра и попрецизна и дава подобри резултати.

Професоре, во моментов ИТ-технологијата е дел од нашето секојдневие. Кога во иднина ќе се бараат соодветни решенија, без разлика дали за заштита на животната средина или за помош на земјоделците, ќе може ли да се размислува без вклучување на ИТ-технологијата или без употреба на вештачка интелигенција?

Мислам дека такво нешто не може да се замисли, бидејќи секаде во светот веќе се користат напредни технологии, а вештачката интелигенција се применува и во земјоделството. Само за илустрација, доколку една фарма користи вештачка интелигенција и дигитални технологии, еден човек може сам да обработува огромна површина земја. Доколку не, ќе бидат потребни десетици или стотици луѓе, кои не се секогаш достапни на пазарот на трудот.

Дигитализацијата овозможува зголемување на ефикасноста и намалување на потребата од човечка работна сила, која во државата и онака ја немаме доволно, особено во земјоделскиот сектор. Самите производители мака мачат да најдат доволно луѓе за да ја обработат и земјата што веќе ја обработуваат.

Мораме да се движиме во насока на дигитализација и автоматизација за да можеме, со што помалку луѓе, да опфатиме и да обработиме што е можно поголеми земјоделски површини и како држава да станеме независни од увозот на храна. Мислам дека дигитализацијата може многу да придонесе за ова.

Да ја искористиме технологијата за доброто на сите.

Поврзани објави