Секоја капка за Преспа

Не е ова звук од чешма приклучена на градскиот водовод, туку системот кој би требало капка по капка да ги наводнува овоштарниците во Преспа. Кога свеста е на ниско ниво, ретко кој внимава како го користи изворот. Штом температурите ќе се искачат високо во термометарот тогаш водата почнува да тече. 

„Преспанско Езеро по многу работи е уникатно, но за жал и по барањето решенија за да се спаси губењето на најзначајното богатство – водата“, вели Ајман Ал Малла раководител на секторот животна средина во Општина Ресен.  

Како референтна ја посочува 1963 година, запаметена по најголемите поплави во Преспа, кога водостојот достигнал 851 метар и 80 сантиметри. Оттогаш нивото на езерото постепено се намалува. Најалармантен бил периодот од 7 до 11 ноември 2025 година, кога водостојот за првпат паднал под 841 метар. 

Промените најдиректно ги забележуваат ренџерите во Паркот на природата „Езерани“. Повлекувањето на водата од појасот со трска ги намалило природните размножувалишта на крапот, а падот на рибниот фонд се одразил и врз птиците кои зависат од него. 

„Да, особено на рибниот фонд, водата се повлече од трската, бидејќи е природно размножувалиште особено на крапот, беше многу намалено“, вели Златко Димески, ренџер во Паркот на природата Езерани.  

Според Ал Малла, причините за намалувањето на водостојот можат да се поделат во две групи. Првата ги опфаќа климатските промени – помалку и нерамномерно распоредени врнежи, високи температури и зголемено испарување. Втората е поврзана со човековото влијание, особено прекумерното користење вода за наводнување и неодржливите земјоделски практики. 

Со податоци до помала потрошувачка на вода 

Проблемот со наводнувањето на земјоделските насади со години се посочува како една од клучните причини за заштита на Преспанско Езеро. Но, технологијата денеска нуди решение. 

Во овоштарникот на средното општинско училиште во Ресен е поставен систем од сензори кои собираат податоци за состојбата во насадите. Технологијата работи преку LoRaWAN-мрежа, без потреба секој овоштарник да има сопствен директен интернет-приклучок. 

Софтверскиот инженер Благојче Количоски објаснува дека сензорите ја мерат температурата и влажноста на почвата, влагата на листовите, количеството врнежи, влажноста на воздухот, како и брзината и правецот на ветерот. Врз основа на овие информации, земјоделците можат попрецизно да одлучат кога е потребно наводнување или третирање на растенијата. 

„Секое растение има оптимални услови колку влага му треба. Ако го удавиме е исто штетно и ако нема доволно влага. Ако знаеме колку влажност ни треба ќе може да заштедиме вода, пред сѐ и ќе обезбедиме оптимални ресурси за растението“, вели Количоски. 

Податоците од мерењата можат да помогнат и во намалувањето на употребата на пестициди. Доколку сензорите покажат дека не постојат временски услови погодни за развој на одредена болест, земјоделецот може да избегне непотребно прскање. 

Информациите се достапни преку мобилен телефон, па состојбата во овоштарникот може да се следи во секое време. Тоа е особено важно во Преспа, каде што микроклиматските услови се разликуваат и меѓу блиски населени места. Ако врне во Ресен, не значи дека истовремено врне и во Царев Двор. 

Цената зависи од бројот и видот на сензорите, но основните уреди стануваат сè подостапни. Поголем предизвик, според Количоски, е недовербата на дел од земјоделците кон новата технологија. Сепак, тој смета дека токму технологијата ќе биде еден од главните двигатели на земјоделството во иднина. 

Овоштарникот како лабораторија 

Сензорската мрежа е дел од „Плус акцелераторот“, сместен во средното училиште „Цар Самоил“ во Ресен. Иницијативата на Фондацијата „Преда плус“, поддржана од Европската Унија, има цел да го поттикне развојот на иновации во земјоделството и руралниот развој. 

„Нашата цел беше да поттикнеме иновации за напредок на локалната заедница и сѐ што се случува во Преспа – од развој на стартапи и други иновативни решенија. Преспанскиот регион е значително земјоделско подрачје, но она што ние сакавме е да воведеме некаков тип модернизација и дигитализација и да го направиме земјоделството подигитално и поиновативно. Ова не го гледаме како начин да се помогне во локалната заедница во Ресен, туку IoT технологијата која ја имаме инсталирано сакаме да работи како лабораторија за да привлечеме иноватори од цела Македонија и да се користи како тестирање за развој на други иновативни производи, стартапи и сѐ друго што може да го подобри и земјоделието и животната средина и сѐ што е во линија со некаква зелена агенда“, вели Лидија Ангелкова од Фондацијата „Преда плус“.  

Додека тимот на акцелераторот е во канцеларија, сензорите на овоштарникот на секои 5-10 минути бележат нови информации, а токму тие може да бидат основа за нови научни достигнувања и за заштита на природното богатство. 

„Ние сакаме и планираме понатаму да имаме некакви обуки, тренинзи кои би ја доближиле оваа технологија до локалната заедница, до децата во училиштето за подобро да ги запознаеме. Дигитализацијата и модернизација на земјоделието може да придонесе многу во заштита на ресурси, водата пред сѐ.  И прскањето со пестициди, да се знае колку точно треба да бидат ставени.  Односно за животна средина може да има многу голем бенефит. Мерат сѐ што е потребно – колку вода и каква е почвата, сѐ преку интернет, без да трошиме вода или да прскаме. Овие информации навистина многу влијаат за унапредувањето и на заштита на животната средина“, вели Лидија.  

Езерото повторно расне  

Освен технологијата и временските услови даваат нова надеж. По минатогодишната најниска кота во историјата на регистрирани мерења на Преспанско Езеро, годинава има позитивни бројки. Обилните врнежи според податоците на општината го вратија водостојот на ниво од пред шест години.  

„Две или три хидролошки сезони како годинава, навистина Преспанското Езеро ќе се врати во добра кондиција. Сите податоци и кажувања дека до 2050 ќе одиме пешки до Голем град оваа година го демантира сето тоа“, вели Ајман Ал Малла.  

Поголемата количина вода го подобри и квалитетот на водата и го зголеми рибниот фонд.  

„Оваа година имавме многу прилив на дожд, имаше и снег и нивото се крена за околу 130 цм и сега рибата ја има доста повеќе.  Беше зголемен фондот на риба, бидејќи се обновија размножувалиштата“, вели Златко Пандевски, ренџер. 

Покаченото ниво на Преспанското Езеро освен за животинскиот и растителен свет, дава позитивна надеж и за туризмот во Преспа.  

Посетителите на плажата во Сливница забележуваат дека годинава нивото на езерото е повисоко, а водата почиста и побистра во споредба со претходните години. Домашните туристи се потсетуваат на периодот кога водата допирала многу поблиску до плажата, додека посетителите од странство ги издвојуваат мирната атмосфера, песочниот брег и погодните услови за семејства со деца. 

Сепак, дел од гостите посочуваат дека е потребно подобро одржување на плажите, отворање на затворените делови и збогатување на туристичката понуда со повеќе содржини и активности. И покрај забелешките, посетителите веруваат дека Преспа има голем потенцијал и изразуваат надеж дека подобрената состојба на езерото ќе привлече повеќе туристи. 

Современата технологија може да помогне за заштита на природното богатство и Преспанското Езеро повторно да стане бисер на македонската туристичка мапа. Добро е што алтернативите постојат, а решенијата ни се на дофат. Од свеста на секој од нас зависи дали ќе бидеме помеѓу последните генерации кои го користат или тие кои ќе помогнат и многу идни да уживаат во убавините на Преспа. 

Поврзани објави