Починалиште – убавина затрупана во отпад
На само неколку минути од центарот на Ресен, зад средното училиште „Цар Самоил“, се наоѓа Починалиште, шумски простор со потенцијал за одмор, прошетки и рекреација. Но, меѓу боровите стебла и покрај земјените патеки се натрупуваат градежен шут, стар мебел и разновиден комунален отпад. Наместо пријатно прибежиште во природата, овој простор постепено се претвора во дива депонија, што ја наметнува потребата од конкретни мерки за негово зачувување.

Непосредно крај западниот раб на Ресен, на ридот што се издигнува над самиот град, се наоѓа месноста Починалиште, еден од најубавите природни локалитети во преспанскиот крај. Пределот се одликува со густа борова шума и ливади, испресечени со бројни земјени патеки, што создава амбиент за пешачење, рекреација, велосипедизам и уживање во природата. Вредноста на овој простор лежи и во неговата непосредна близина до градот, што го прави лесно достапен, при што за „бегство“ во природа не е потребно долго патување, туку само желба да се помине дел од денот на отворено.

Починалиште има сериозен потенцијал да прерасне во уреден локален излетнички и рекреативен простор. Со минимални, но внимателно планирани интервенции, како што се обележување на пешачки патеки, поставување клупи и места за одмор, информативни табли и слично, шумата би можела да стане место за рекреација на жителите на Ресен, но и за туристи и посетители на преспанскиот регион. Непосредната близина до средното училиште „Цар Самоил“ отвора можности и за комбинирани едукативни активности, часови во природа и организирани еколошки акции.

Сепак, сликата на теренот открива сосема поинаква реалност. На повеќе места покрај патиштата и во внатрешноста на шумата се забележуваат купишта отпад од различно потекло. Градежен шут, остатоци од санитарна опрема, пластика, амбалажа, стар мебел и други предмети што одамна го изгубиле своето место во домаќинствата се оставени директно во природата, при што шумата постепено добива изглед на една депонија.

Особено загрижува тоа што отпадот се одлага на места до кои може лесно да се пристапи со моторно возило. Ова, освен што ја олеснува нелегалната активност, создава услови за нејзино континуирано повторување, при што еднаш оставениот отпад станува своевидна покана за следниот несовесен граѓанин, кој, кога ќе види дека на одредено место веќе има градежен шут или стар мебел, полесно се одлучува и самиот да остави нешто што не му е потребно. Така, оваа појава станува сѐ почеста, а малите купови со отпад со текот на времето прераснуваат во големи депонии.

Примарната одговорност за ваквата појава пред сѐ ја носат оние што свесно го оставаат отпадот во шумата, граѓани, изведувачи на градежни работи, сопственици на објекти како и лица или фирми кои вршат транспорт на отпад без да обезбедат негово законско депонирање. Но, одговорноста за спречување на ваквата појава не завршува кај непосредните сторители. Институциите и надлежните служби имаат обврска да обезбедат функционален систем за управување со отпадот, редовен надзор, откривање на прекршителите и санкционирање на нелегалното одлагање. Доколку дивите депонии со години остануваат нерасчистени и без последици за сторителите, се создава впечаток дека ваквото однесување е дозволено.

Причините за ваквото несовесно фрлање отпад се поврзани со недоволно развиената свест за заштита на животната средина но и со неодговорното однесување и желбата да се избегне трошокот или напорот за законско отстранување на отпадот од страна на граѓаните. Покрај тоа, недостигот од информации за достапните услуги како и недоволната контрола и слабата примена на казнените мерки, дополнително го олеснуваат создавањето диви депонии.

Последиците од ваквото одлагање се многу посериозни од естетското нарушување на просторот. Отпадот може да предизвика загадување на почвата, но и на површинските и подземните води. Остатоци од бои, растворувачи, масла, хемикалии и други потенцијално опасни материјали можат да внесат штетни материи во природната средина. Пластиката и другите материјали што бавно се разградуваат остануваат со години, додека градежниот отпад ги уништува природните површини и ја менува структурата на теренот. Воедно, отпадот може да претставува опасност за дивите животни, птиците и другите организми што живеат или се движат низ шумата.

Посебен проблем претставува можноста за појава и ширење на шумски пожари. Отпадот што содржи запаливи материјали, пластика, текстил, сунѓер и други остатоци може да придонесе за ширење на пожар а несовесното однесување на посетителите, вклучително и оставањето догорчиња или палењето отпад, создава дополнителен ризик.

Решението за ваквата појава е комплексно. Отстранувањето на постојниот отпад е неопходно и треба да биде приоритет. Потребно е најпрвин да се направи целосен увид и евиденција на сите места на кои е одложен отпад, да се утврди неговиот состав и да се организира селектирано собирање и транспорт до соодветни овластени локации.

Но, еднократна акција за чистење нема да го реши проблемот доколку веднаш потоа шумата повторно биде оставена без надзор. Во таа насока, би требало да се вршат редовни контроли, соодветно да се означи просторот и да се создадат механизми за пријавување на прекршителите, а онаму каде што е оправдано, да се постави и видеонадзор. Особено важно е да се воспостави систем преку кој граѓаните и фирмите ќе можат лесно и законски да го отстрануваат градежниот и кабастиот отпад.

Зачувувањето на оваа шума не е само прашање на комунална хигиена, туку и прашање на односот кон јавниот простор и природното наследство. Во таа насока, потребна е координирана акција на Општина Ресен, надлежните инспекциски служби, комуналните претпријатија, институциите одговорни за управување со шумите но и на локалното население. Покрај санкционирањето на оние што ја загадуваат природата, неопходно е да се работи на едукација и вклучување на училиштата, граѓанските организации и волонтерите во грижата за овој простор.

Природниот потенцијал на Починалиште е очигледен, но неговото зачувување и соодветно уредување бараат одговорен однос и конкретни активности. Неопходно е да се отстранат постојните депонии, да се спречи понатамошното одлагање отпад и да се создадат услови овој простор повторно да ги добие своите природни карактеристики, со што ќе стане пријатно место за одмор и рекреирање.
Зашто шумата не смее да се третира како место за одлагање отпад, туку како природно богатство кое треба да се заштити и зачува за идните генерации.
Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.
Фотографија и текст: Дарко Андоновски
