Компостара, контејнери за отпад и повеќе едукација за почиста средина предлагаат овоштарите од Преспа

Ноември е месецот кога привршуваат работите во еден од најубавите и најземјоделски региони во Македонија. Преспа или „Земјата на јаболкото“. До каде што достигнува погледот, се гледаат само јаболка. Годинава земјоделците се задоволни од цената на јаболкото која помина добро како за конзумното, така и за индустриското јаболко.

Посетивме еден од пунктовите во Преспа каде се купуваа последните количини на индустриско јаболко. Земјоделците велат дека и покрај убавините на Преспа, остануваат еколошките проблеми за овој крај. Загадувањето со диви депонии, фрлањето на отпадоците каде ќе се стигне, вклучително и пакувањата на пестицидите. Како решение на проблемите предлагаат поставување на големи контејнери во кои ќе се одлагаат само пакувања од пестициди, воведување барем еднаш годишно бесплатно подигање на кабаст отпад, дивите депонии да станат рекреативни зони, а како решение за органскиот отпад предлагаат реобнова на компостарата.

„Компостара би било многу добро за нашиот крај, најдоброто нешто. Тоа ѓубриво што ќе се прави ние ќе си го откупуваме за цена што ќе ја прави компостарата и ќе си го употребуваме во нашите насади“, вели Драган Котевски, жител на селото Јанковец.

Мислам дека ако има компостара, тоа многу ќе влијае на екологијата и ќе се зачува околината. Би требало да има не една туку 2-3 компостари во Преспа бидејќи такво е поднебјето и количината на плодовите кои се собираат“, смета Коста Нанчоски, жител на Ресен.

Ако сме сите совесни нема да има ниту една дива депонија. Каде што ќе се најде таму се фрла, каде што му е полесно да го фрли ѓубрето таму го фрла. Никој досега не е казнет“, додава Љупчо Крстановски од село Сопотско.

За подобрување на навиките на жителите за правилно одлагање на отпадот, преку кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, во организација на Еко Герила Преспа и Инстиутот за комуникациски студии, редовно се организираат дискусии и работилници во населените места во Преспа.

Вечерта бевме дел од една ваква работилница во селото Долно Перово. Жителите меѓу причините за дивите депонии ги посочија високите цени за депонирањето на кабаст отпад на депонијата во Златари, немање на доволно услови за собирање од страна на Јавното комунално претпријатие од Ресен, а исто така недостасувале селски канти низ Перово. Но, сепак признаваат дека мала е еко свеста кај жителите.

Секој различно постапува со пакувањата од пестицидите. Завршуваат или некаде во природата или некои посовесни ги фрлаат во кантите за отпадоци. Не знам дали има специјално место за одлагање“, вели Светлана Коњановска, жителка на селото Долно Перово.

Можам да речам само катастрофа е тоа. Народот не се грижи самиот.  Каде што ќе се најде се фрла сѐ, кабаст отпад, материјал“, ни рече Благојче Ѓуровски, жител на Долно Перово.

Од јавното комунално претпријатие „Пролетер“ од Ресен ги чистат дивите депонии, но се работи за совесни и несовесни граѓани кои постојано фрлаат ѓубре. Треба да има едукација постојано, затоа што толкаво е нивото на културата на граѓаните“, смета Светлана Коњановска, жителка на Долно Перово.

Едукативните дискусии на Еко герила Преспа со жителите продолжуваат и во другите населени места во Преспа.

Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија.

Поврзани објави