Од едукација до акција, студенти го исцртаа патот за чиста Преспа

Преспа заслужува одржлива иднина со зачуван природен потенцијал и обновена врска помеѓу човекот и природата. Овој предел, кој беше синоним за хармонија и природно богатство, денес сè соочува со загрижувачки промени. Повлекувањето на езерската вода, деградацијата на влажните живеалишта и наталожените проблеми со отпадот ја отвораат дилемата – дали навистина живееме во хармонија со природата или само сакаме да веруваме дека таа постои?

Според м-р Марија Чобанова од Институтот за биологија, одговорот не е едноставен а впечатокот е контрадикторен. Од една страна, луѓето ја чувствуваат природата како дел од себе, интегрирана во секојдневниот живот преку земјоделството, прошетките итн. Од друга страна, активностите кои имаат негативни последици врз природните ресурси, покажуваат дека немаме сенс и дека оваа врска можеби е нарушена или изгубена во текот на времето. Конкретно во Преспа, дел од проблемот е во „интензивната промена на генерациите што води кон заборавање на некои традиционални навики коишто се во поголема хармонија со природата таму“.

Студентката Елена Дурловска од Истражувачкото друштво на студенти-биолози која е родум од Преспа, го нагласува проблемот со отпадот, кој меѓу другото е  резултат на лоши навики и  недоволна еколошка едуцираност на населението.

„Сите фрламе ѓубре на сите страни,  нема доволно депонии и дополнително, не постои доволна едукација за последиците што ги предизвикуваме врз екосистемот“, вели таа.

Иако жителите се свесни за природното богатство што го имаат, според неа, потребни се нови мерки и нов пристап.

„Ако ја снема Преспа, ќе ги снема и жителите на Преспа“, предупредува Дурловска.

На личната одговорност укажува и студентката Памела Петровска од Истражувачко друштво на студенти-биолози, која смета дека промената мора да започне од секој поединец. Процесите во природата се  циклични, меѓусебно поврзани и одговорноста не може да се префрла на „некој друг“. Информираноста, едукацијата и поддршката на  граѓански петиции или акции за чистење се минимумот што секој може да го направи за барем малку да се промени сликата.

Лазар Николов од Македонско еколошко друштво, предупредува дека загадувањето не започнува на брегот на езерото, туку многу порано – со лошото управување со шумите, отпадот и отпадните води. Кога загадувањето ќе стигне до влажните живеалишта, штетата веќе е направена. Овие подрачја, познати како „срцето на природата“, ја филтрираат водата, складираат јаглерод и обезбедуваат услови за богат биодиверзитет, но во Преспа се сериозно загрозени и од човечки интервенции преку сушење површини за земјоделство, прекумерно искористување на ресурсите и несоодветно управување со отпад.

Соговорниците беа дел од дебатата за „Влажните живеалишта и Преспа“, организирана од Истражувачкото друштво на студенти-биолози. Сите се согласни дека заштитата на Преспа бара системски пристап: подобро управување со отпадот и отпадните води, одржливо земјоделство, обнова на влажните живеалишта и постојана едукација. Преспа не е само туристичка дестинација, туку жив екосистем од кој зависат и природата и луѓето. Заштитата започнува со менување на лошите навики– пред штетата да стане непоправлива.

Текстот го изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија.

Поврзани објави