Отпадот и хемикалиите дополнително го загрозуваат Преспанското Езеро

Професорот на Техничкиот факултет при Универзитетот Св.Климент Охридски во Битола, Дејан Трајковски, повеќе од шест години ја следи состојбата со Преспанското Езеро. Вели дека на таков чекор се одлучил затоа што бил загрижен за повеќегодишниот тренд на загуба на вода. Тоа го поттикнало да прави анализи и прогнози, но и да размислува за решенија на проблемот. Според него, промените на езерото се толку драматични, што неговата површина е намалена за околу 32 квадратни километри, а должината на бреговата линија е скратена за околу три проценти. Смета дека голем удел во она што му се случува на Преспанско има и присуството на пестициди и фософорни ѓубрива, кои доаѓаат директно од јаболковите насади.

Со години предупредувате за алармантната состојба со која се соочува Преспанското Езеро. Според Вас, кои се главните причини што доведоа до тоа?

-Главната причина за загубата на водата лежи во глобалното затоплување, кое доведе до помалку врнежи и поголемо испарување. Иако истекувањето низ пукнатините на Галичица е постојан фактор, тоа не е пресудно за сегашната состојба, а наводнувањето учествува со само една четвртина до една третина во вкупната годишна загуба.

За колку метри е намалено нивото на езерото, и за период од колку години? Што друго говорат вашите податоци, во однос на сликата на езерото денес во однос на пред неколку децении? 

-Во однос на максималното ниво на езерото од 1963 година, нивото на езерото е намалено за околу 11 метри, а изгубен е околу 60% од тогашниот волумен на водата.

Променет ли е ликот на Преспанското Езеро  денес и што забележувате на терен?

-Промените најмногу се забележуваат во поплитките делови од брегот, главно околу Долно Перово, Езерани, Асамати и Крани, додека на пострмните брегови, главно на западниот брег, езерото не е многу повлечено во далечина. Површината на езерото е намалена од некогашните 284 km2 на околу 252 km2, а должината на бреговата линија е скратена за околу три проценти.

Вашите истражувања покажуваат дека со повлекувањето на водата се откриваат поранешни песочни плажи, што значи дека езерото во минатото имало дури и пониски нивоа. Дали тоа дава надеж дека езерото може повторно да се врати во живот?

-Историските податоци и геолошките истражувања потврдуваат дека нивото на Преспанското Езеро во минатото било дури и пониско од денешното. Анализата на слоевите седимент и камења, откриени при ископите за пречистителната станица во Претор, покажува дека од X до XV век езерото било значително повлечено, по што следел период на регенерација кој траел сè до средината на XX век. Овие природни циклуси на опаѓање и пораст влеваат надеж дека езерото поседува капацитет за закрепнување, иако сегашните песимистички прогнози за намалени врнежи и засилено испарување се очекува да продолжат до крајот на XXI век.

Но, да се вратиме на анализите според кои Преспанско Езеро е на раб на исчезнување и ако продолжи овој тренд на намалување на нивото од него ќе останат само неколку поголеми јами. Колку се реални ваквите тврдења?

-Мала е веројатноста езерото целосно да исчезне, но неговиот опстанок би значел драстична трансформација на пејзажот. Доколку нивото се намали за дополнителни пет до шест метри, заливите кај Пустец и Долна Горица во Албанија целосно би пресушиле, со што езерските води би се повлекле од карстниот предел на Галичица и природниот одлив би запрел. Во такво сценарио би се воспоставило ново, значително пониско рамнотежно ниво, прилагодено на намалениот доток на вода, но езерото веќе нема да биде онакво какво што го познаваме денес. Наместо компактна водена површина, веројатно би преостанале само четири подлабоки јами во форма на големо мочуриште, слика која веќе е документирана на одредени средновековни карти.

Но, иако состојбата е алармантна, Преспанското Езеро не се вбројува меѓу најекстремно загрозените примери, како што е Аралското Море во Централна Азија или езерото Чад во Африка, кое веќе изгубило неверојатни 96 проценти од својата првобитна водена површина. Ова укажува дека, и покрај сериозноста на локалната криза, глобалните еколошки промени веќе доведоа до исчезнување на цели водени екосистеми во други делови од светот.

Поради обилните врнежи од дожд изминатиот период, нивото на езерото бележи зголемување. Дали тоа дава некаква надеж дека тоа може да се врати во своите поранешни граници?

-Од минатогодишниот минимум регистриран на 1 ноември 2025 година (кота -673 cm), нивото на езерото до 26 март 2026 година, бележи пораст од 90 сантиметри. Се очекува до крајот на влажната сезона во средината на јуни, водостојот да се зголеми за дополнителни 20-тина сантиметри, што ќе го надмине минатогодишниот максимум, но сепак ќе остане под највисокото ниво измерено во јуни 2024 година. Иако оваа зима имавме натпросечни врнежи, тие се повеќе исклучок отколку правило во последната деценија, па затоа генералниот тренд на опаѓање останува непроменет. За да се зборува за вистинско закрепнување на езерото, потребни се вакви обилни врнежни циклуси кои би се повторувале со години, што според сегашните климатски предвидувања е малку веројатно.

Пестициди, ѓубрива и еутрофикација го загрозуваат екосистемот

Дополнителен проблем за езерото е присуството на пестициди и фосфорни ѓубрива во езерските води. Која е причината?

-Пестицидите што се користат за заштита на јаболковите насади, кои преку врнежите и повратните води, директно се слеваат во езерскиот басен. Слично на нив, концентрацијата на фосфор постојано се зголемува како резултат на човековите активности, пред сè преку отпадните води од септичките јами, земјоделските ѓубрива и загадените притоки како Голема Река. Како што се намалува волуменот на езерото, овие штетни материи стануваат сè поприсутни, а природната регенерација е исклучително бавна бидејќи просечното задржување на водата во езерото изнесува повеќе од три години.

Дали тоа е причина за неконтролиран раст на алгите или еутрофикација и загрозување на рибниот свет во езерото?

– Фосфорот е клучен хранлив елемент (нутриент) кој во нормални услови е присутен во ограничени количини. Кога неговата концентрација ќе се зголеми, тој делува како вештачко ѓубриво. Ова предизвикува експлозивен раст на фитопланктонот (алгите), појава позната како „цветање на водата“. Големата концентрација на алги на површината создава густ, зелен слој кој ја блокира сончевата светлина, што предизвикува намалена проѕирност и изумирање на подводните растенија. Бидејќи светлината не допира до длабочината, растенијата на дното не можат да вршат фотосинтеза и изумираат. Во текот на летото, езерската вода се раслојува на топол површински и ладен длабински дел кои не се мешаат, што го спречува продирањето на кислород до дното. Изумрениот фитопланктон паѓа во длабочините каде бактериите го разградуваат, при што го трошат речиси целиот достапен кислород и создаваат состојба на хипоксија.  Овој недостаток на кислород ги уништува организмите на дното и рибите се приморани да ги напуштат своите природни живеалишта, што води до сериозно замирање на живиот свет во подлабоките делови на езерото.

Во колкав процент еутрофикацијата е причина за сегашната состојба во која се наоѓа езерото?

-Иако еутрофикацијата примарно го нарушува биолошкиот баланс, намалувањето на нивото на водата дополнително ја влошува состојбата, бидејќи истата количина на фосфор станува поконцентрирана во помал волумен. Плитката вода побрзо се загрева под дејство на сонцето, што создава идеални услови за уште побрзо размножување на алгите и забрзана потрошувачка на кислородот. Овој повратен процес значи дека повлекувањето на езерото директно го поттикнува неговото побрзо забарување (претворање во бара) и изумирање на живиот свет во преостанатите длабочини.

Во Преспанско Езеро се влеваат и неколку реки, помеѓу кои е и Голема река. Колку водите од нив претставуваат опасност за езерото и зошто?

-Голема Река ги собира отпадните води од урбаните и индустриските капацитети во Ресен, како и истекувањата од околните овоштарници богати со пестициди и вештачки ѓубрива. Овие води пренесуваат огромни количини на фосфор и азот директно во Преспанското Езеро, што е главен катализатор за појавата на интензивно цветање на алгите. Поради намалениот водостој на езерото, концентрацијата на овие загадувачи е уште поопасна, бидејќи се нарушува природната способност на екосистемот да се самопрочисти, што води до долготрајно забарување и губење на кислородот.

Итни мерки и меѓународна координација

Преспанско Езеро го делат Македонија, Албанија и Грција. Дали е доволно тоа што денес го прават овие трите земји заедно за спас на езерото и кои мерки треба да се преземат за да се подобри состојбата?

-Иако постои одредена меѓудржавна соработка, досегашните напори на Македонија, Албанија и Грција се главно фокусирани на подигнување на јавната свест, што е недоволно за реално соочување со еколошката катастрофа. Неопходно е итно преземање конкретни технички мерки за спречување на енормната загуба на вода, како што е предлогот за обложување на дното во заливот кај Пустец со специјална геомембрана, за да се затворат пукнатините во карстниот предел на Галичица. Сепак, ефикасноста на ваквите локални интервенции е директно загрозена од глобалното загревање, кое доколку продолжи со несмалено темпо, може целосно да ги поништи сите обиди за стабилизација на водниот биланс на езерото.

Има ли надеж дека сепак Преспанското Езеро ќе ги преживее сите овие препреки? Постои ли некое решение?

-Надежта за опстанок на Преспанското Езеро лежи во итното преминување од зборови кон радикални теренски акции и меѓународна координација. Клучното решение вклучува строга контрола на искористувањето на подземните води за наводнување и индустрија, заедно со технички интервенции како споменатото изолирање на критичните точки на истекување во карстните предели.  Паралелно со ова, неопходна е изградба на современи пречистителни системи по целиот слив на Голема Река за да се сопре еутрофикацијата и да се врати биолошката отпорност на езерото. Иако климатските промени се огромен предизвик, системското управување со водните ресурси на трите држави може да му „купи“ на езерото драгоцено време за природно закрепнување.

Дали проблемот со Преспанско Езеро може да се реши на ист или сличен начин како и со Дојранско Езеро?

-Специфичната геолошка структура на Преспанското Езеро го прави неговото спасување многу посложено во споредба со Дојранското Езеро, бидејќи Преспа природно губи огромни количини вода преку карстните канали под планината Галичица. Поради овој ефект на инка, секое вештачко полнење на езерото би било неефикасно без претходна техничка изолација на пукнатините на дното, бидејќи додадената вода едноставно би истекла кон Охридското Езеро. Дополнителен проблем е што во непосредна близина на Преспа не постои речен систем со соодветен капацитет кој би можел безбедно да се пренасочи, без да се загрози еколошката рамнотежа во поширокиот регион. За разлика од локализираното решение за Дојран, зафатите кај Преспа бараат сложен меѓународен консензус помеѓу трите држави и многу пообемни хидролошки интервенции кои во моментов се тешко остварливи.

Текстот го изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија

Новинар: Мики Трајковски

Фотографии: Мики Трајковски

Поврзани објави