Преспа е еден од најубавите региони во државата, со голем потенцијал за земјоделство, туризам и квалитетен живот за граѓаните – поткаст со Билјана Петровска Митревска

Преспа е регион со извонредни природни убавини и голем потенцијал, но и регион што денес се соочува со сериозни еколошки предизвици, поради што сè поактуелно станува прашањето како да се зачува и развива на одржлив начин. За овие теми разговараме со Билјана Петровска Митревска од Националната федерација на фармери.

Ние работиме на серија документарни филмови посветени на заштитата на Преспа, а во последниот, насловен „Природно од Преспа“, акцентот го ставаме на органските производители од регионот.  

Ќе Ве прашам директно: Колку се важни органските, органското земјоделство за заштита на животната средина и екосистемот во Преспа?

Да, јас прво морам да Ви ја поздравам иницијативата што работите баш на регионот за Преспа и околу еколошката заштита, промоција, колку е важна Преспа и колку е важна во моментот еколошката заштита на регионот.

Преспа е еден од најубавите региони во нашата држава, со голем потенцијал за развој, не само за земјоделството туку и за планински туризам, рурален туризам, а и секаков друг потенцијал на развој и воедно и за убав живот на самите граѓани кои живеат во регионот на Преспа.

Но, Преспа, како што знаеме, се соочува со еколошка катастрофа. Тоа значи повлекување на Преспанското Езеро и тука таа еколошка катастрофа, исто така, влијае и на земјоделството, кое е една од клучните гранки за развој на Преспанскиот регион. Сметам дека, кога станува збор за природата, тие две нешта се поврзани. Значи, земјоделството е дел од природата. Така што, во моментов, најмногу некој кој може да му помогне на тој регион во неговата заштита од таа еколошка катастрофа, се токму земјоделците и земјоделките и органското производство е навистина еден голем потенцијал, не само кон производство на квалитетни и сертифицирани производи, од една страна, но од друга страна и за заштита на самата природа.

Кога станува збор за органско производство, тоа знаеме дека значи заштита на водата, на почвата и на воздухот и производство на квалитетна храна, без употреба на пестициди и без употреба на соодветни хемикалии. Во моментов, значи, земјоделството се соочува со климатски промени, но тоа не значи дека треба да се изоставуваат органските технологии на производство, напротив, постојат научни истражувања кои, исто така ги имаме и во нашата држава и треба да се применуваат, кои едноставно можат да помогнат на биодиверзитетот, а биодиверзитетот ќе помогне на зголемување на производството на земјоделството.

Дефинитивно, органското производство е еден потенцијал за развој на регионот Преспа, но од друга страна и за заштита на самиот регион.

Токму тоа го зборуваат и земјоделците со кои разговаравме на терен. Велат дека ним на прво место им е животната средина, природата, заштита на природата, на подземните води, па на второ место доаѓа, нели, обезбедувањето чиста и здрава храна за потрошувачите. Меѓутоа, колкава поддршка добиваат тие од државата во моментов и има ли начин да се зголеми бројот на производители, на земјоделци кои на органски начин ги произведуваат своите производи?

Да, во конкретниот момент кога зборуваме, кога се соочуваме со глобални економски промени и политички промени, значи, реално, органското земјоделство ќе стане потенцијал на нашата држава, во недостиг на голем број на ресурси и суровини кои веројатно во наредниот период ќе ги имаме и ќе имаме проблеми.

Нормално, земјоделците за да го заштитат своето производство ќе мора да се преориентираат и кон не минерални ѓубрива и кон, значи, не минерални зборувам, ѓубрива од органско производство, заштита од органско производство препарати, а не употреба на пестициди, што е многу важно. Реално, во нашата држава и во нашите политики, претежно, како држава, сме сконцентрирани кон производство на земјоделски производи и храна. Но, од друга страна не беше толку застапена концентрацијата на органското производство. Сега се менуваат работите. Можам да укажам во делот на земјоделските политики. Еве во март донесен е новиот Закон за органско производство, кој е усогласен со ЕУ директивите, каде има јасна слика кои мерки треба да се применуваат.

Агротехнички мерки треба да се применуваат од земјоделците и конкретно јасна слика каква контрола ќе се прави на земјоделското производство. Во изминатите периоди секогаш земјоделското производство, органското земјоделско производство е поддржано со процент повисок од конвенционалното производство, педесет проценти. Сега јас ги извадив како статистики во 2024-та, беше триесет проценти кај фуражните култури, педесет проценти кај пчеларство, сточарство, седумдесет проценти овоштарство и сто проценти градинарство.

Значи има поддршка. Исто така, се покриваат трошоци за сертификација и исто така се покриваат осумдесет проценти од трошоците за правење почвени анализи и агрохемиски анализи што на еден начин е добро.

Сега буџетот, согласно новиот закон, ќе биде повисок за сто милиони денари. Според новиот закон и годишната програма која ќе треба да излезе, веројатно ќе се движиме во таа насока. Мислам дека тоа е добар показател. Во дел на државната поддршка.

Е, сега, не е секогаш само поддршката. Значи, од друга страна, треба да се посвети внимание и на советодавните услуги. Значи, ние имаме Агенција за поттикнување и развој на земјоделството. Донесен е нов закон за советодавни услуги кој треба да се имплементира и реално, на земјоделците да им се помогне во делот на овие органски агротехнички мерки кои треба да ги користат, посебно во периодот на адаптација од премин на конвенционално во органско производство. И од друга страна, многу е важно поврзувањето со пазарите. Значи, органското производство зазема само еден процент од нашето земјоделско производство во државата што го имаме. Реално е насочено на нашиот домашен пазар и во тој случај многу се важни промоциите на малите органски производители и многу е важно нивното поврзување со директните потрошувачи, во насока да се зголемува производство и во насока да се користи квалитетна храна во нашата држава.

Споменавте колку се, колку ќе биде важно искуството на органските производители од аспект на тоа во каква ситуација во моментов се наоѓа светот и колку ќе ни биде потребно искуството на овие земјоделци?Сите оние кои имаат некаков проблем со обезбедување ѓубрива, ние, во документарниот филм, споделивме и дел од искуствата на земјоделците, па во „Природно од Преспа“ може да погледнат еден рецепт за тоа како може да ги заштитат своите земјоделски површини, користејќи на природни препарати на база на коприва.

Билјана, ми интересира, што е со моментот со свесноста на потрошувачите? Гледаме дека државата на некаков начин вложува средства. Можеби, како што велат и тие потребна е поголема помош во тие први години на адаптација на површините, кога се наоѓаат во период на преод. Но, свесни ли се граѓаните, колку се важни органските производи или колку се подобри за здравјето? Дел од земјоделците велат, на пример, направија споредба дека едно органско јаболко заменува три произведени на конвенционален начин.

Има ли таква свест кај граѓаните за тие разлики помеѓу органско и конвенционално или сепак, во овие моменти на криза цената е најважна?

Да Ви кажам искрено, ние пред четири години работевме на еден проект во Националната федерација на фармери, буквално на брендирање на еден производ, „Преспино“. Тоа е свежо цеден, ладно цеден сок од јаболка, каде што е произведен и од органски јаболка и е од Преспа и мислам дека веќе е препознаен на пазарот. Кога започнувавме со таа иницијатива морам да истакнам дека и ние бевме скептични во делот дали се препознава домашното, еколошкото, органското производство на пазарот или не се препознава. Направивме една анализа со потрошувачи и можам да истакнам дека од анкетирани сто потрошувачи по супермаркети кои пазарат, шеесет проценти од нив укажаа дека купуваат и гледаат да купуваат квалитетни производи, во насока да бидат органски производи. Најголема таргет-група се семејствата, односно оние млади родители кои имаат мали деца, но, свесноста дека квалитетот е препознаен од потрошувачите кај нас навистина е препознаен и сакаат да консумираат.

Сепак, тука најголема пречка, повторно ќе кажам, тоа е цената во делот на животниот стандард којшто го имаме во нашата држава. Инаку, ние и организираме голем број саеми. Еве, последните месеци од декември и февруари имавме саеми во Скопје Сити Мол, каде што се своите производи ги промовираат и ги продаваат мали оператори за храна, кои најголем дел од нив се органски, производители, како што се мед, овошни сокови.

Најголем дел можам да кажам од овошните сокови ни доаѓаат и од Преспа, посебно јаболка, свежо цедени, тоа се прекрасни сокови. Да не звучи како реклама, ама реално е така. Така што потрошувачите, од она што можевме да видиме, навистина имаат интерес да купуваат.

Еве, конкретно ќе кажам, не го криеме тоа како факт, оти еден ден од еден саем во Скопје Сити Мол, од триесет и пет изложувачи, мали оператори на храна, ние вкупно направивме десет илјади евра промет. Значи, тоа покажува еден индикатор дека самите граѓани, самите потрошувачи сакаат да консумираат и да користат вакви производи, но сепак, тоа е можеби за континуирано користење најголем проблем е цената, бидејќи сепак е повисока од конвенционалните производи.

Билјана, видовме какви се размислувањата од терен. Меѓутоа морам да Ве прашам, имаше забелешка во однос на тоа колку се организирани, колку се поддржуваат едни со други. Што се случува во овој поглед помеѓу земјоделците од Преспа?

Земјоделците од Преспа реално и генерално за сите земјоделци, но еве конкретно за Преспа, тоа се претежно јаболко производители, овоштари. И голем предизвик за нив е тоа што не се економски обединети, односно во економски форми на здружување, како што се задруги и како што се сега во моментот, но она што се работи во нашата држава, тоа се организации на производители.

Реално, Преспа постои и има капацитет, има органски производители, дури има и една задруга за органски производители, а тоа е „Здраво и свежо”, коишто можат да се обединат во насока да го зголемат производството и во насока да ја намалат производната цена, со цел да постигнат поголем ефект на пазарот на кој настапуваат.

Организациите за производители како економска форма на обединување, морам да истакнам дека се многу погодни, особено за органските производители, особено за Преспа, каде што сè уште постои активно земјоделство, каде што постојат јаболкопроизводители, да можат да се обединат и она јаболко кое не е конвенционално, односно органско, заеднички или да го преработуваат или да го продаваат на пазарот.

Најчесто, од јаболката кои ги имаме во Преспа, се прават преработки. Тие се регистрирани како мали оператори за храна, значи согласно правилникот „Од куќен праг” кои продаваат на локалните пазари, и сметам дека со ваквото обединување, и ние како федерација посебно работиме на тоа, со ваквото обединување во организации на производители, со поголеми инвестиции, само ќе се направи поголемо производство и подобар пласман на нивните производи на пазарот.

Но, тука е многу важно менаџирањето, значи како ќе се менаџира од внатрешна страна економската форма на здружување.

Зборувавме за многу аспекти, но некако крајната цел на сите нас и на земјоделците и преку овие разговори е да поттикнеме, да се подигне свеста и да работиме сите заедно за враќање на сјајот на Преспа како регион. Ги знаете искуствата од терен, ги имате податоците, често патувате во преспанскиот регион. Што мислите вие, има ли Преспа капацитет да го врати сјајот и да биде една атрактивна зелена дестинација?

Преспа е атрактивна, не е атрактивна во моментот, но е зелена дестинација и еколошки регион, чист регион, значи има планина, има езеро, има многу реки, има можност за развој и на планински туризам, но има многу можност за развој и на рурален туризам, токму поврзано со ова што го зборуваме со органското производство.

Треба многу работа, треба соодветна стратегија, треба многу соработка со општината, значи, реално во тој регион, за да може Преспа да прерасне во една атрактивна зелена економија и да се развиваат тие зелени економии, не е секогаш до финансиските, како што кажав, поддршки. Многу е важна промоцијата на регионот. Многу е важно решавањето со проблемот со Преспанското Езеро во моментот.

Значи, да се знае, да се има една соодветна стратегија што ќе се прави со регионот во една ваква ситуација во која се наоѓа Преспанското Езеро, а инаку потенцијалот за развој на еколошки туризам, на планински туризам, на рурален туризам, на селски туризам, значи има голем потенцијал и сметам дека и има интерес. Значи, таму има неколку села, како што се Љубојно, Брајчино, Царев Двор, Евла, во кои веќе има мали оператори за храна и кои отвориле свои капацитети за прием на гости и реално има посетители во тој регион од таков тип за да можат да уживаат во прекрасната природа.

Но, сепак, треба малку поорганизирано да се работи за да стане атрактивна дестинација.

Јас мислам дека некако успеавме да доближиме еден поинаков аспект на Преспа за нашите гледачи и слушатели.

Поврзани објави