Професор Ордан Чакулиев: „Не сакам да го нарекувам земјоделски отпад – тоа е биомаса со голема вредност“

Преспанското јаболко е клучна овоштарска култура во земјава, но токму сега е моментот да се трансформира начинот на неговото производство. Еднокултурното производство врши сериозен притисок врз природните ресурси, но истовремено нуди огромен потенцијал – од брендирање како „планинско јаболко“ до примена на современи технологии. Земјоделците сѐ уште треба да се едуцираат за тоа што значи еколошки прифатливо земјоделство и како компостирањето и биомасата можат да станат нови извори на вредност.

Со професорот Ордан Чакулив од Факултетот за земјоделски науки и храна разговараме како да се намалат притисоците врз животната средина, зошто иднината на Преспанскиот регион зависи од одржливо и дигитализирано земјоделство и како преспанското јаболко и Преспанското Езеро можат да коегзистираат.

Какво е значењето на преспанското јаболко за целокупното земјоделство во државата?

Јаболкото од Преспа е најголема овоштарска култура односно овоштарско производство во Република Македонија. Се работи за, според различни податоци, околу 4 000 хектари и околу 2 500 земјоделци кои ги произведуваат тие јаболки, што значи дека доаѓа до една сериозна оптовареност. Каде е проблемот? Таму се одгледува една единствена култура – јаболко. Јаболкото без разлика на сортите има иста агротехника. Сите прскаат со исти или слични пестициди, сите ѓубрат во исто време. Одеднаш се извршува голем притисок, особено на подземните води кои се користат. Сите сакаат да наводнуваат во исто време, кога му треба на јаболкото. Така што, јаболкото врши притисок, да.

Пресланското јаболко можеби е бренд, меѓутоа треба да биде уште поголем. Тоа производство е на околу 800 метри надморска височина, тоа може да биде и брендирано како планинско јаболко. И треба конечно да се ослободиме од оние традиционални стеги да го гледаме преспанското јаболко како евтин производ за домашна конзумација. Тоа е еден добар производ, треба да се направи промена во асортиментот, треба да се направат и намалувања на притисоците од агрохемикалии, од прекумерна употреба на вода. Решенијата се во моментов некаде другде. Не се каде што ги баравме порано, сега се во дигитализација, во вештачка интелигенција, во мрежа на поврзани уреди итн.

Тоа ли е решението за одржливо земјоделство во Преспа?

Тоа е начин на кој што можете да допрете до поголем број на корисници. Во Преспа имам многу искуство. Ми се чини дека уште во 2000 година започнавме со системот „капка-по-капка“, понатаму промоции на фертилизација, па потоа градевме системи за прецизно наводнување со кои земјоделците можеа да определат кога да наводнуваат и колку вода да стават. И сето тоа некако се развиваше полека. Така што, земјоделците во Преспа се спремни. Тие ги сакаат овие работи. Не можам да кажам за останатите производни региони во Македонија, меѓутоа во Преспа тоа се напредни земјоделци кои веќе имаат искуство со современите технологии на производство и да, сакаат. Особено беа многу спремни да го користат системот за најава за „прскање“ за ризикот на болести.

За жал, системот за наводнување, односно кога да наводнуваш и колку вода да дадеш беше многу помалку користен, дури и не заживеа како што треба. Зошто? Многу едноставно, земјоделците заштитата ги чинеше тогаш околу 500 евра на хектар, цената на струја за наводнувањето – бидејќи не плаќаат за водата, имаат свои бунари – ги чинеше помалку од 20 евра.

Ако ги прашате на терен барем оние кои што се претставуваат како постручни во секторот, велат дека не ги слушаат сите советите за тоа кога треба да се прска, не им веруваат сѐ уште многу на науката, се водат по оние предадени знаења од нивните родители, од дедовци, од тоа како и во кое време треба да се врши прскањето на науката. Зошто не ѝ веруваат на науката?

Не дека не ѝ веруваат на наука. Не им веруваат на луѓето што им ја даваат науката, не може ненаучник да даде наука. Најголем дел од земјоделците бараа фотоволтаици за наводнување. Да, ама кога ќе им дојде цената на водата нула, пак ќе се вратиме на пред 2000 година кога наводнуваа со 20 000 кубни метри вода на хектар, повеќе од ориз добиваше 1 хектар јаболка, верувале или не. Нема да ги чини веќе тоа. Ќе земе фотоволтаик, пумпата ќе работи додека има светлост – супер, но не земаа системи со кои можат да определат кога, како, колку… Така што може да дојде и до еден процес на враќање назад, доаѓање на прекумерното наводнување повторно на сцена.

Значи мора да се внимаве и со модернизацијата, да биде во корист и на природата и на земјоделството.

Точно.

Земјоделците велат дека ако пред 10 години цената на индустриското јаболко била половина од сега, сега е 10 денари, па им се исплаќа многу повеќе да го предадат тоа јаболко, наместо да скапува на нивите. Со тоа, дел од органскиот отпад на ваков начин во моментов е решен. Меѓутоа, сѐ уште останува проблемот со останатиот органски отпад што произлегува на овие овоштарници, а не станува збор за индустриско јаболко. Како да се влијае на земјоделците за да се рециклира, да се искористи повторно, да се реупотребува и тие да имаат корист од отпадот што се создава на нивните овоштарници. Се возобновува компостарата во Преспа, треба да почне со работа следната година, но дали тоа е доволно и што може плус да се направи?

Компостот е најверојатно најдобриот правец. Јас сакам онаа органска материја што ќе ја создадеме на нашата почва да ја вратиме во нашата почва, бидејќи тоа е едно од основните правила на одржување на здравјето на почвата. Арско ѓубре не се става, ако не ставаме ниту компост, ние само ќе ги осиромашиме нашите почви и ќе ја изгубат својата отпорност кон климатските промени. Значи, помалку вода ќе може да задржат, нема да бидат доволно плодни. Сега може да биде проблем, меѓутоа во иднина ќе биде многу поголем.

Во чување на јаболката земјоделците имаат преку 30 % загуба. Тоа мора да оди во компостарата, мора да се произведе компост, енергија можеби, да се произведува биогас. Меѓутоа, тие имаат и друг тип на отпад како што е отпадот од кроење – неколку кила по развиено возрасно дрвце се добиваат – и таа дрвенаста биомаса може да oди во друг правец. Да оди кон енергија, кон, можеби, пелети, можеби некој друг тип на огрев, можеби да се отвори некоја индустрија што ќе има потреба од овие отпади од кроење, да се произведува пареа, да се произведува калвадос. Значи, можеме да искористиме…

Да му дадеме нова вредност на отпадот.

Јас не сакам да го нарекувам отпад. Тоа е биомаса, тоа е голема вредност.

Која што во моментов завршува како отпад, така?

Да, завршува како отпад. Меѓутоа, тоа не е отпад. Има и енергетски потенцијал, има и потенцијал за одржување на квалитетот на почвите, има и дури потенцијал за дополнителни бизниси, дополнителни приходи на фарма. Така што не би го нарекол отпад.

Еден друг момент на кој земјоделците не можат да се навикнат е органското производство, и покрај тоа што државата дава за 50 проценти повисоки субвенции. Има ли начин органското производство да стане доминантно како начин на производство во Преспа и колку тоа би било корисно?

Треба да го најдеме просторот помеѓу органското и конвенционалното, кое ние во науката го викаме еколошки прифатливо земјоделство. Да нема негативно влијание. А што значи тоа? Да имаме прецизно наводување, прецизно ѓубрење и на земјоделските производители ќе им биде полесно тоа да го спроведуваат со примена на дигитални алатки, отколку на чувството – да погледам, да ја фатам земјата. Дигиталните алатки се сепак подобри. И уште една работа која јас сега би ја направил е автоматизација. Нема потреба веќе да оди на нива. Автоматски ќе се вклучи наводнувањето, ако имаат, на пример, дронови, ќе го прати дронот да испрска.

Земјоделците низ годините наназад се обвинувани за прекумерната употреба на пестициди, за фрлањето на индустриското јаволко во езерото – што тие тврдат дека повеќе не се случува, за искористувањето на водата преку бунарите и со сето тоа негативно влијаат на состојбата на Преспанско Езеро. Рековте сами на почетокот дека преспанско јаволко може да биде уште поголем бренд, но може ли овие два големи брендови Преспанско Езеро и преспанско јаволко да коегзистират и да не си прават штета еден на друг?

Апсолутно. Наводнувањето е многу сензитивно. Можете да имате колку сакате ѓубре на некоја почва, но додека не дојде вишок на вода која ќе се процеди и ќе го однесе ѓубрето или пестицидите до езерото, тоа само не може да отиде. Значи водата е транспортер. Тоа е едно од најчувствителните прашања. Кога ќе бидат оптимизирани, верувајте ми и производот ќе биде подобар и езерото. Докажавме дека се намалуваат и содржината на пестициди и содржината на биогени елементи во езерото. Може да коегзистираат.

Меѓутоа, не можеме да очекуваме дека сите земјоделци ќе можат да инвестираат. А секој земјоделец кога се работи за дигитална алатка, сака таа да се однесува за неговата нива, за неговата култура, за неговата сорта јаболка. Сакаат персонализирана информација. Не им ја понудивме сѐ уште. Зошто? Бидејќи за да направиме индивидуална анализа е претешко и прескапо и не може земјоделците да ги покријат тие трошоци. За цел Ресен и ресенско поле може да се направи, меѓутоа тоа треба некој да го преземе на себе. Која е одржливоста? Само со влез на државата. Дали државата преку локалната самуправа или државата преку централната власт, навистина ми е сеедно. Ама некој мора да ги поддржи тие земјоделци и системите кои што се градат за нив да останат во трајна употреба за нив.

Поткастот го изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со ТВ Сител во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија.

Поврзани објави