Професор Златко Левков: „Клучниот фактор во заштитата на кој било локалитет, екосистем, градба е локалното население“
Проценетата старост на Преспанското Езеро е некаде помеѓу пет до седум милиони години, што значи дека е двојно постаро од Охридското Езеро. И клучниот проблем со Преспанското Езеро не е неговата варијабилност во однос на нивото, туку проблемот е во квалитетот на водата, односно интензитетот на внесување на хранителни материи преку комунални отпадни води, преку минерални ѓубрива и второто, преку загадување со пестициди, пластика, разновиден комунален отпад, детергенти и така натаму.
Кога локалното население ќе добие одреден финансиски бенефит од самото езеро, во тој случај тие луѓе ќе бидат прво најзагрижени за да може да го заштитат, да се заштити тоа езеро.
Овојпат за приказните за чиста животна средина разговараме со професорот од Институтот по биологија при Природно математичкиот факултет, Златко Левков.
Колку е важно, колку е значајно Преспанското Езеро?
Значи повеќе не знаеме отколку што знаеме за Преспанското Езеро. По новите некои податоци се вели дека Преспанското Езеро е најстарото езеро во Европа и едно од најстарите езера во светски рамки. Се смета дека Охридското Езеро има некоја проценета старост помеѓу два до три, три и пол милиони години, додека проценетата старост на Преспанското Езеро е некаде помеѓу пет до седум милиони години, што значи дека е двојно постаро од Охридското Езеро.
Оттаму произлегува и неговото огромно значење како центар на разновидност, на биолошката разновидност во регионот, но и на глобално ниво. Проблемот е тоа што Преспанското Езеро е некако подзаборавено, иако генерално и научните аспекти се многу повеќе посветени на заштитата на Охридското Езеро и проучувањата на Охридското Езеро, додека на Преспанското Езеро многу, многу помалку внимание му посветуваме.
Оттаму произлегува и недостатокот на бројни истражувања кои ќе го покажат степенот на разновидност на Преспанското Езеро. И втора работа, степенот на загрозеност на тој жив свет, особено ендемичниот жив свет за којшто знаеме дека постојат и ендемични риби и ендемични ракови, школки, алги и така натаму.
Во овој момент, генерално имаме многу мал број информации кои што ќе ни укажат на тоа дали и колку езерото е загрозено. Сепак, треба да имаме предвид дека постојат некои податоци кои што кажуваат дека всушност најголем дел од видовите кои што денеска живеат во Охридското Езеро, всушност потекнуваат од Преспанското Езеро. Ако го имаме предвид тој факт, тогаш ќе произлезе дека всушност Преспанското Езеро е многу, многу поважно во однос на Охридското Езеро. Но, сепак, велам, Охридското Езеро е светски познато поради голем број претходни истражувања што биле направени.
Професоре, многу често првата слика која што ни доаѓа на ум за заштита или загрозеност на Преспанското Езеро е квантитетот на водата која што ја има во езерото. Но, ако научно се постави на една градација линијата на опасности или проблеми на Преспанското Езеро, како вие би ја направиле таа линија?
Кој е главниот проблем на Преспанското Езеро?
Значи, во изминатите дваесетина години направивме неколку истражувања на Преспанското Езеро. Меѓу другото, се обидовме да дознаеме каква била екологијата на езерото во последните стотина илјади години. Интересно е тоа дека според тие податоци, Преспанското Езеро варирало во однос на својата големина и длабочина во текот на времето. Тоа значи дека во минатото некогаш било и подлабоко, но било и поплитко.
Но, клучниот проблем е што во тој период, не зборуваме сепак за илјадници години наназад, во тој момент не постоела човечка популација која што би го загрозувала или загадувала езерото или би го, реално, искористувала за своите потреби. Тие податоци велат дека на пример, и пред само илјада години, Преспанското Езеро било со понизок водостој во однос на она што е и денеска. Тоа значи дека клучниот проблем со Преспанското Езеро не е неговата варијабилност во однос на нивото, туку е проблемот во квалитетот на водата, односно интензитетот на внесување на хранливи материи преку комунални отпадни води и преку минерални ѓубрива и второто, преку загадување со пестициди, пластика, разен комунален отпад, детергенти и така натаму.
Значи, во овој момент проблемот со Преспанското Езеро, најкритичниот и најклучниот проблем е всушност квалитетот на вода, односно тоа загадување и внесување на хранливи материи во самото езеро. Сега најголем дел или она како што јавноста размислува, влијание во оваа насока имаат употребата на голем број на пестициди и хемиски препарати во однос на одгледувањето на земјоделските култури кои што се одгледуваат покрај Преспанското Езеро.
Колку се важни или колку се значајни органските производители кои што функционираат во овој дел од Преспа?
Веројатно се и најзначајни. Употребата на пестициди е широко распространето во светски рамки.
Значи, не е проблем само во Македонија, дека само ние употребуваме. Треба да имаме предвид дека на пример и „дидити“ кој што пред педесет години е веќе забранет за употреба, во минатото се сметал за еден од најбезбедните пестициди и се рекламирал како еден од најдобрите пестициди.
Денеска со текот на времето разбираме дека, како што се прават дополнителни анализи, дека голем дел од нив се токсични не само за природата, туку и за човекот, бидејќи истите се поприлично неселективни во смисла, ако имаме пестициди коишто ги користиме за инсекти, на пример инсектициди, тие не делуваат само врз паразитите, туку делуваат и врз особено пчелите и нивните популации значително се намалуваат во природата.
Исто така, нешто што е многу битно за пестицидите, особено хемиските препарати, е дека тие се акумулираат во текот на исхраната, односно синџирот на исхрана. Ако ги земеме алгите, ќе ги има во најмала содржина. Ракчињата ќе имаат поголема, малите риби, уште поголема, големите риби најголема и птиците кои што се хранат со нив ќе имаат апсолутно највисока вредност. Односно имаме некакво многукратно зголемување на содржината на пестициди акумулирани и внесени во организмите.
Поради тоа денеска и се препорачува органско земјоделие, да не се употребуваат хемиски препарати, туку да се користат различни други биолошки, пред сѐ растителни препарати, кои што би имале негативно влијание врз конкретните инсекти или габи или коров ако се
некакви растенија, повторно со цел да се спречи тоа ширење на хемиските пестициди во природата.
На пример, може хемиските пестициди да ги сретнете и во вода, во растенијата. Со тие растенија се храни, да кажеме, добитокот, па можеме да ги сретнеме и да ги најдеме, да ги детектираме исто така и во млекото, што значи повторно е некако поврзано со здравјето. Здравјето на човекот е доведено во опасност, особено ако зборуваме за млеко кое се консумира од страна на мали деца, тоа значи дека имаме еден голем, голем проблем. Токму поради тоа органското производство, денеска во светски рамки се промовира и би требало да биде нашата иднина во земјоделието во државава. Дефинитивно треба да се преориентираме, бидејќи имаме навистина можности тоа да го правиме
Професоре, кога зборуваме за заштита на целиот овој регион, може ли да зборуваме за некое решение кое би било ефикасно, без да го вклучиме локалното население, без да ги вклучиме жителите на Ресен и на целиот овој регион?
Тоа не е возможно. Клучниот фактор во заштитата на кој било локалитет, екосистем, градба, е локалното население. Нешто што мора да кажеме како да се работи стратегија на државно ниво, е тоа дека тие луѓе треба да разберат дека езерото носи и некаква економска добивка. Дека всушност, особено денеска е популарен туризмот во светски рамки, особено алтернативниот туризам. Дека преку алтернативниот туризам постои голема можност да заработуваат и многу повеќе средства во однос на некои други извори, гранки, како што се на пример, земјоделие или полјоделство. Кога локалното население ќе добие одреден финансиски бенефит од самото езеро, во тој случај тие луѓе први ќе бидат најзагрижени за да можат да го заштитат, да се заштити тоа езеро, бидејќи реално луѓето кои што живеат надвор од околината на Преспанското Езеро, ние ќе отидеме, ќе го посетиме, ќе видиме дека е убаво, ќе поуживаме и ќе се вратиме. Ама тие луѓе што живеат таму се клучот, се најбитниот фактор. Не се законите важни. Важно е населението да разбере дека тоа езеро е многу важно и дека тоа езеро може да има одреден финансиски бенефит за нив.
Кога тоа ќе го разберат, кога тоа ќе го прифатат, тие веднаш ќе започнат со интензивна заштита на езерскиот екосистем. Во спротивно, било каков закон на хартија, било какви казни, тоа нема да придонесе. Особено казните не придонесуваат за заштитата. Единствено позитивните аспекти, финансиските бенефити, корист на локалното население, само тоа ќе донесе реална заштита на Преспанското Езеро и на било кој друг екосистем.
Професоре, некако опфативте дел од одговорот на моето прашање што би водело кон заклучок на овој разговор, за тоа каков бенефит би имало локалното население, но и државата од изнаоѓање едно позитивно решение за целата оваа ситуација?
Преспанското Езеро е прво, велам, заборавено езеро. Од секој аспект, значи не само од научен аспект, туку зборувам и од туристички аспект. Реално туризмот во регионот на Преспа е со многу понизок интензитет во однос на останатите, на пример Дојран или Охрид. Вториот моментот е тоа дека Преспанското Езеро се наоѓа помеѓу два национални парка, Галичица и Пелистер. Доколку се донесе одредена законска одредба или некаков акт каде што ќе стои дека секој посетител што ќе дојде на брегот на Преспанското Езеро или на Охридското Езеро ќе плаќа дневница за да го види, да присуствува на таа убавина, во тој случај ќе има еден многу позитивен финансиски ефект.
Чисто, ако ги земеме на пример како функционираат националните паркови низ Европа, ќе видиме дека тие заработуваат од влезници, од дневници со милиони евра, додека кај нас реално националните паркови и Галичица и Пелистер веројатно од влезници добиваат минимални средства кои што реално не се доволни за нивното функционирање.
Мислам дека тој алтернативен туризам што нуди навистина големи можности во регионот на Преспа, како што е посетата на одредени локалитети, природни богатства, има пештери, има цркви, нашиот единствен остров што го имаме, Голем град кој што е навистина специфичен во однос на својата екологија. Сето тоа може да се промовира како алтернативен туризам, не само плажа на која луѓето во текот на летниот период ќе престојуваат, туку ние треба да се стремиме кон еден туризам кој ќе биде целогодишен.
Дванаесет месеци, зелен туризам.
Да, којшто ќе овозможи во тој случај, доколку постои таа инфраструктура. И втора работа, разбирање кај луѓето дека ваквиот тип туризам којшто може да трае дванаесет месеци, не една сезона од неколку месеци, месец-два, дека тоа може да им донесе многу поголем бенефит, многу поголеми примања и приходи.
Во тој случај мислам дека прво самото население ќе се труди да го зачува Преспанското Езеро, бидејќи на таков начин ќе може по еден временски период да заработува.
Јас сум за тоа, сите наши национални паркови да наплаќаат влезници, иако можеби тоа звучи непопуларна мерка за населението, но тоа е секаде прифатено во светот и туристите апсолутно немаат никаков проблем, особено странските, да платат да ја посетат Галичица или Пелистер, па и Преспанското Езеро.
Така што мислам дека тој извор на приходи би требало во иднина да се размислува на кој начин би требало тоа да се регулира, и кој, и колкав процент реално би одело за локалното население, а не само за на државно ниво, туку и еден значаен процент од тоа да остане во заедницата. На таков начин и населението кое во основа се намалува, ќе го задржите, па може и да се случи да се зголеми бројката на население во регионот, доколку има, се разбира финансиски приходи за нив.
Многу јасно професоре, можности и решенија има, голем дел од нив зависат од нас.
Поткастот го изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со ТВ Сител во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.
