Што ја гуши Преспа?

Мирно утро. Сончевите зраци светкаат над водената рамнина на Преспанско Езеро, а звуците од птиците ја будат заспаната убавица Преспа, по која овој крај го добил името. Но, што ја мачи оваа преспанска убавина?

Помеѓу кајчињата кои лебдеа над површината на езерото се појави и кајчето на рибарот Самедин Ајрулаи. Тоа утро се сретнавме во неговото родно Асамати, едно од крајбрежните села. Додека веслаше, ни раскажува како тука ги направил првите чекори, научил како да биде добар рибар, а неколку години е и концесионер на езерото.

„Разлика има многу голема. Водостојот на езерото е многу опаднат, – речиси 10 метри по вертикала. Со тоа се измести сè во Преспа. За мене е носталгија. Порано туристи имаше многу во Асамати. Сега нема ништо”, раскажува Ајрулаи.

Риболовот е значајна гранка во Преспа. Околу 20 професионални рибари живеат од овој бизнис. И Самедин 20 години бил професионален рибар пред да го преземе управувањето со езерото. Како добар познавач на состојбата вели дека промените во езерото се причина за промени и кај рибата.

„Рибниот фонд на некои риби е зголемен. Пред две години преспанската белвица скоро ја немаше, а сега се појави многу. Еден вид на риби – скопус или во Скопје го викаат војник – и тој се зголеми, Веројатно има повеќе храна од алгите, многу трева расте. Веројатно има последици и од пестицидите бидејќи многу се прскаат овоштарниците. И тоа делува сигурно. Сите села немаат канализација. Имаат тие села на северната страна. А овие, од Асамати  до границата само едно село има – Наколец. Другите немаат, се снаоѓаат со септички јами”, вели рибарот.

Села без канализации и диви депонии

Појдовме покрај брегот на Преспанско Езеро за да ги провериме кажувањата на рибарот Самедин.

Љубојно е едно од селата нa јужната страна на езерото, кое делумно има канализација, но не е поврзана во колектор и пречистителна станица, иако е атрактивно место за туристи и луѓе кои сакаат да купат куќа и да живеат таму. Систем за управување со отпадните води има во блиското село Наколец од 2014 година, а предвидено е да се градат вакви системи и во Претор, Стење, Крани, Долно Дупени, Сливница и Брајчино. Според податоци на Општина Ресен, околу 65 проценти од целата општина е приклучена на канализациска мрежа, но повеќето од градот, а само 5 села. Или од приближно 14 300 жители, околу 9 500 преспани ја користат општинската канализација за отпадните води.

Обидувајќи се да добиеме повеќе информации од мештаните, во Љубојно ги запознавме Боби, Љубе и Лазор. Сите споделуваат голема љубов кон Преспа. Имаат надеж дека езерото може да се спаси, но сведочат и за диви депонии околу селата од градежен и друг шут.

„Тоа се несовесни луѓе, сакаат бизнис да направат. Мислат дека ѓубрето од дворот што ќе го фрлат 100 метра подалеку дека го исчистиле дворот. Тоа е нелогична работа, нема смисла. Но, свеста им е на такво ниво. И странците кои доаѓаат да градат, рушат стари куќи, плаќаат некој за да им извади ѓубре, а тој некој зема пари и го фрла ѓубрето на 100 метри подалеку од селото. Овде има канализациона мрежа. Се направи во селото, ама се стопира и останат така. Не се изгради колектор и луѓето не се поврзани на канализација, отпадните води одат во реката. Во Наколец се направи колектор. Ако има капацитет, на тој колектор може да се поврзе и канализацијата од ова село.”, вели Љубе Стојчевски, жител на селото Љубојно.

„Еден дел од канализацијата функционира, поврзани сме со мрежата.  Кога сите овие куќи би биле полни, би било катастрофа ако нема пречистителна станица, како што е направено во село Наколец”, ни изјави  Лаџор, кој исто така е од Љубојно.

Движејќи се по езерскиот брег, и самите се уверивме во она што го кажуваа мештаните на Љубојно. Покрај патот, помеѓу селата има над 30 диви депонии покрај брегот на Преспанско Езеро. Освен што се грда слика, исцедокот од овие диви депонии претставува и директна опасност за квалитетот на водата во езерото.

Според податоци на Општина Ресен, годишни се прави отпад над 3 800 тони. Иако жителите можат бесплатно да го одлагаат на градската депонија во Златари, цврстиот отпад не се одлага правилно. Општината прави напори да го обезбеди населението со канти за селектирање, но нема капацитети за рециклирање, особено на најпроблематичниот земјоделски отпад, бидејќи компостарата не работи. Загадувањето од биоразградливиот отпад преку прекумерната употреба на пестициди, нерегулираното отстранување на хемиската амбалажа и површинскиот истек на отровните супстанции се причини и за еутрофикација на Преспанско Езеро.

Квалитетот на езерската вода под притисок од загадувачи и климатски промени

А, каков е квалитетот на езерската вода? Одговор побаравме во Стење, каде се наоѓа мониторинг станицата за квалитет на водата.

И овде е видлив проблемот со повлекувањето на водата. Таму каде што пред десетина години вработените пловеле со нивниот еко-брод, сега одат пеш за да земат примерок. А заради нискиот водостој на езерото концентрацијата на загадувачки материи е поголема.

„Сега во овој момент ќе ја испитаме PH вредноста, температурата, тврдината и спроводливоста односно основните параметри кои покажуваат каков е во моментов квалитетот на водата. Потоа ќе ги вршиме физичко-хемиските испитувања, односно лабораториските мерења, за кои се потребни од 2 до 3 дена, во зависност од самиот параметар кој го испитуваме. Доколку овде имаме драстични отстапување во PH вредностите во температурите и основите, ќе видиме дека има голема абнормалија со самиот квалитет на водата. Очекувано е според PH, и температурата на водата, зависи од сезоната, сега во овој момент очекувано е 29,6 степену. Во согласност со временските услови и самата температура на водата оди правопропорционално. Со порастот на температурата, тоа влијае врз биодиверзитетот. Зголемувањето влијае на био светот, имаме повеќе живеалишта и повеќе алги. Оваа година може да забележиме дека зимската сезона – од јануари до март – имавме отстапување на температурите во 3-4 степени повисоки од ланската сезона. Потопла зима, побрзо стануваат самите процеси. Побрзо имаме алги, трева, и сите хабитати, живеалишта побрзо се спремаат и ни го трошат кислородот. PH е во прва категорија согласно класификација за површински води, односно изнесува 8,20, што е во граница на нормалите”, објаснува Ружица Перевска од мерната станица во Стење.

Хидролошката мерна станица во Стење работи од 2013 година, за да се добијат релевантни податоци за квалитетот на водата, кои треба да овозможат поголема заштита на езерото.

Контрола на квалитетот на водата во Преспанско Езеро вршат и Хидробиолошкиот завод од Охрид, а клучниот извештај од кој зависи употребата на водата од езерото и дозволата за капење го издава Институтот за јавно здравје.

Во последниот јавно достапен годишен извештај на ИЈЗ за состојбата, квалитетот и безбедноста на површинските води за 2024 година, водите од Преспанско Езеро во најголем дел од годината биле класифицирани во трета класа, односно со умерен квалитет, и тоа во февруари, март, јули, октомври и ноември. Со лош и многу лош квалитет, односно четврта и петта класа, била во мај, август, септември и декември. Во останатите месеци минатата година, површинската вода спаѓала во втора класа, односно со добар квалитет во однос на микробиолошката анализа.

Во однос на физичко-хемиските параметри на површинската вода, 50 проценти од испитаните примероци укажувале на органско оптоварување на површинската вода и брзо размножување на бактерии.

Анализите на ИЈЗ покажале појава на видливо цветање на алги, што може да претставува потенцијален ризик по здравјето. Односно, брзото размножување на модрозелените алги може да доведе до испуштање на цијанотоксини кои имаат сериозни штетни последици по здравјето на луѓето и животните доколку се капат или напојуваат од езерската вода, се посочува во извештајот.

Во извештајот направен пред летната сезона лани, ИЈЗ алармира дека треба редовна контрола на водата од загадувачи, како што се септичките јами, и реконструкција на постоечките пречистителни станици.

И Перевска од мерната станица во Стење дава слични препораки.

„Нашите препораки се за изградба на пречистителни станици, подигање на јавната свест на населениеро за намалување на фрлањето на цврст отпад, биоразградливи материи и сè останато, за да можеме да го следиме намалувањето на антропогеното влијание, бидејќи многу полесно тогаш ќе го видиме ефектот од нашата грижа за реките, а со тоа и за Преспанско Езеро. Делува како да ја губиме убавината на Преспа како што ја паметат некои постари генерации, но сè може повторно да се разубави. Сметам дека можеме сите заедно, не само ресенчани и преспани, туку со поддршка на сите институции и чинители на ова општество, да ја вратиме заспаната убавица Преспа. Мораме да ја подигнеме јавната свест за цврстиот отпад, бидејќи не е само едно фрлено ливче и нема да има никакво влијание. Секој отпад влијае на различен начин врз животната средина. Без разлика дали станува збор за почви, води, амбиетален воздух – сето тоа има влијание врз животната средина, а животната средина влијае врз нашето здравје”, порачува Перевска.

Трската и влажните ливади – природни филтри за заштита на Преспанско Езеро

Во Природниот парк Езерани, заштитено подрачје и дом на дивиот свет во Преспа, тивкиот ветер ја брануваше трската, а птиците беа затскриени од силното пладневно сонце во крошните на дрвјата. На брегот и влажните ливади во далечина се гледа јато на корморани, кои како да правеа пауза по прелетот над езерото.

Во Езерани, Голема Река се влева во Преспанско Езеро. Таа е најмногу изложена на земјоделскиот отпад. Во нејзиното корито завршуваат скапани јаболка, во неа се мијат земјоделски алатки и опрема за прскање на овошките.

Освен мерките што ги преземаат екологистите, овде и природата создала начин самата да си помогне за пречистување и заштита. Трската на брегот на Преспанско Езеро е дел до решението за филтрација на отпадните води кои одат во езерото. Задачата на екологистите е да ја сочуваат заедно со помош на локалното население.

Во заштитениот парк на природата ги запознавме Драгана и Меги од Македонско еколошко друштво, кои истражуваат на терен, ја следат состојбата и преземаат мерки за заштита на живиот свет во Преспа.

Се качивме на набљудувачницата за да видиме до каде се протегаат природните живеалишта во паркот Езерани. Освен за грижата за трската, ни објаснија и за одржувањето на влажните ливади кои исто така се природен филтер на езерската вода.

„Под управување со влажните ливади го имаме косењето како мерка за управување со ваков вид живеалишта. Оттука е многу интересна приказната дека ваквиот вид на живеалишта порано се управувало од сточарите, меѓутоа со намалување на сточарството прекинала потребата да бидат искосени овие ливади. Ние ја увидовме потребата да бидат искосени и напролет ги косиме. Од искосената трева правиме сено и го донираме на сточарите. Она што е важно за овие ливади е дека дел од материите кои може да стигнат до езерото се задржуваат во нив и со косењето имаме отстранување на азот и фосфор и имаме природен филтер кој го намалува загадувањето на езерото. Од нашите истражувања добивме резултат дека навистина имаме задржување на азот и фосфор во овој тип на живеалишта”, ни објасни Драгана Пеликудовска од Македонското еколошко друштво.

Правилното одлагање и селектирање на отпадот, изградбата на канализациски мрежи и пречистителни станици, како и знаењето колку е важна природата ќе помогнат против загадувањето во Преспа. Но, уште поважно – ќе овозможат да се одржува природната рамнотежа меѓу луѓето и животната средина во овој уникатен регион.

Документарниот филм го изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со ТВ Сител во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија.

Новинар: Иван Кузмановски

Снимател: Иван Поповиќ Монтажер: Никола Славковски

Поврзани објави