ТВ Сител: Од отпад до „црно злато“ – рецепт за здрава Преспа

Во срцето на Преспанскиот регион се развиваат инспиративни приказни кои потсетуваат дека грижата за животната средина започнува од сопствениот двор, од училишните клупи и од секојдневните навики. Преку компостирање на органскиот отпад и едукација уште од најмала возраст, локалното население гради нов модел на одговорен однос кон природата.

Земјоделецот Игор Фузевски веќе десетина години го претвора органскиот отпад во компост, наместо гранките од јаболката, лушпите од зеленчукот, талогот од кафе и други биоразградливи остатоци да завршуваат на депонија. Тој објаснува дека компостирањето бара време, мешање, влага и правилно редење на зелен и кафеав отпад, но резултатот е квалитетен компост што може да ја подобри почвата и да ја намали потребата од вештачки ѓубрива.

Сторијата ја отвора и темата за важноста на едукацијата од најрана возраст. Во подрачното училиште „Мите Богоевски“ во село Јанковец, учениците преку практични активности учат за реупотреба, селекција и грижа за околината. Преку ваквите примери, децата, наставниците, родителите, земјоделците и локалната заедница покажуваат дека патот до почиста Преспа започнува со мали, но секојдневни чекори. Сторијата на ТВ Сител гледајте ја на ОВОЈ ЛИНК.

Со оваа сторија, ТВ Сител ја поддржува кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, насочена кон поттикнување подобри практики за управување со отпадот во Преспанскиот регион и поголема свест за заштита на животната средина.

Поврзани објави