Кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ инспирира новинарски приказни за заштита на природата
Новинари од 10 национални и регионални медиуми ја посетија Преспа во рамки на едукативната кампања „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, за одблизу да се запознаат со еколошките предизвици во регионот, но и со добрите практики за управување со отпад и заштита на природата.
Новинарите ги посетија заштитените подрачја каде што влијанието од несоодветно управување со отпад е највидливо, како што се дивите депонии и загадените речни и езерски брегови. Тие разговараа со претставници од општината, комуналното претпријатие, еколошки здруженија и жители на села погодени од загадувањето. Посебен акцент беше ставен на проблемите со несоодветно селектирање и складирање на отпад, прекумерната употреба на пестициди, отсуството на систем за третман на биоразградлив отпад и негативните последици по почвата, водите и биодиверзитетот. Исто така, беа запознаени и со позитивни примери, како функционирањето на помали практики за селекција и реупотреба на отпад и активности на локални невладини организации.
Медиумите имаат клучна улога во информирањето и мотивирањето на јавноста да преземе поодговорен однос кон отпадот и животната средина. Преку оваа посета, новинарите ќе можат од терен да пренесат автентични приказни за проблемите и позитивните примери за управувањето со отпад и заштитата на животната средина.
Кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ има за цел да ги информира и едуцира, како и да ги поттикне практиките за правилно управување со цврст отпад кај граѓаните од Преспанскиот регион. Кампањата се спроведува од Институтот за комуникациски студии, Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, а е поддржана од Европската унија.










