Од убавина до закана: Цврстиот отпад ја гуши Преспа

Регионот на Преспа, познат по своите ретки природни вредности, биолошка разновидност и културно наследство, последниве години се соочува со сè поголеми проблеми во управувањето со цврстиот отпад. Илјадници тони отпад завршуваат на импровизирани депонии, покрај Преспанско Езеро и во околината, сериозно загрозувајќи ја животната средина и здравјето на луѓето. Недостигот од организирана инфраструктура, слаба контрола и ограничени ресурси ја влошуваат ситуацијата.

Дали знаеме колку отпад создава едно домаќинство дневно? И каде завршува тој отпад? За жал, многу често повторно се враќа во нашето секојдневие – но во далеку поопасни форми.

Природата под постојан притисок од отпадот

Управувањето со цврстиот отпад е долгогодишен предизвик – особено во средини со ниска свест, недоволна едукација, лоши практики и недостиг на финансиски средства. Според „Global Waste Management Outlook 2024“, глобалното производство на цврст комунален отпад се очекува да порасне од 2,1 милијарди тони во 2023 година (0,74 кг по жител дневно), на 3,8 милијарди тони до 2050 година (1,42 кг по жител дневно).

Овој пораст директно го зголемува притисокот врз природните ресурси, а последиците се веќе видливи. Зголемената продукција на отпад и неговото несоодветно управување се клучен еколошки предизвик. Луѓето сè почесто ја загадуваат природата со фрлање отпадни материјали – не само на копно, туку и во реките, езерата и другите водни тела.

Цврстиот отпад не само што претставува естетски проблем, туку е и сериозен здравствен ризик. Кога отпадот завршува во езерата, реките или подземните води, тој го попречува протокот на вода, ги менува живеалиштата, ја намалува светлината во водата и директно влијае врз водниот екосистем. Може да доведе и до појава на заразни болести.

Преспанската убавина под закана

Главниот извор на приход во Преспа – земјоделството – истовремено придонесува и за деградација на водната средина. Според податоци од WWAP (2015), земјоделството користи околу 70% од глобалната потрошувачка на вода и е значителен загадувач.

Несоодветните земјоделски практики, проследени со намерното создавање на диви депонии составени од гнили јаболка, пластика или амбалажи од различни хемиски препарати исфрлени на брегот на Преспанско Езеро или во речните токови претставуваат значителна закана за водната средина. Овие депонии, од една страна ги нарушуваат естетските и пејсажни вредности на регионот и ја намалуваат туристичката понуда, со што локалните заедници може да трпат економски последици. Од друга страна, овозможуваат огромните количини на пестициди, хербициди, ѓубрива, органски материи, кои ги содржат во нив, да се процедуваат низ подземните води или реките и да стигнат во нивниот главен реципиент – Преспанско Езеро.

Претор – од некогашно привлечно летувалиште до запоставен локалитет затрупан во смет (извор ХБЗ)

Исцедокот претставува комплексен медиум од различни супстанции, вклучувајќи растворена органска материја, неоргански соли, тешки метали, кои се појавуваат во различни концентрации поради физичките, хемиските и микробиолошките процеси што се одвиваат во депонираниот отпад. Овие материи во голема мера влијаат врз еколошката рамнотежа во водното тело, менувајќи ги динамичките односи меѓу живите организми и нивната животна средина, нарушувајќи ја деликатната рамнотежа на биолошкиот синџир на исхрана, како и природната циркулација на биогените елементи во водата.

Една од таквите промени е, на пример, зголемената концентрација на нутриенти во водата (азот и фосфор) што предизвикува прекумерен раст и развиток на алги – „цветање на алги“. Тоа води до намалување на нивото на кислород во водата, создавајќи бескислородни услови во кои водниот животински и растителен свет не може да преживее.

Загадените водни тела се соочуваат со значително намалување на биодиверзитетот. Видовите чувствителни на промени во квалитетот на водата, како што се одредени риби и водоземци, се особено ранливи и се меѓу првите организми кои што страдаат при влошување на квалитетот на водата. Губењето на овие видови може да има каскадни ефекти врз целиот екосистем, намалувајќи ја неговата отпорност и способност за закрепнување.

Покрај тоа, исцедокот од депониите ги контаминира и изворите на вода што се користат за пиење и други потреби во домаќинството, што претставува значителен ризик за природната средина, но и за јавното здравје. Загадената вода ги намалува приносите на земјоделските култури, ја загрозува безбедноста на храната со пренесување на загадувачите и го нарушува човековото здравје.

Преспа – екосистем на работ од издржливоста

Повеќето водни екосистеми имаат природна способност за самопречистување, односно до одреден степен да го разредат загадувањето, што не е случај со Преспанско Езеро поради интензивното оплитнување, намалување на неговата површина и изразениот антропоген притисок од различен карактер.

Според тоа, влијанието на цврстиот отпад врз езерото е сериозен еколошки проблем кој може да има долгорочни последици врз водниот екосистем, квалитетот на водата и животната средина воопшто. Оттаму, одржувањето на квалитетот на водните екосистеми претставува еден од најгорливите предизвици со кои се соочува глобалното општество во 21 век.

Одржливото управување со отпадот не е само еколошка, туку и економска и социјална обврска. Тоа е директно поврзано со неколку цели за одржлив развој на Обединетите нации – меѓу нив и Целта 6: Чиста вода и санитација, клучна за јавното здравје, социо-економскиот напредок и заштитата на екосистемите.

За ефикасно справување со илегалните депонии во Преспанскиот регион потребна е:

  • Колективна одговорност и свест;
  • Подобри методи за собирање, отстранување и третман на отпад;
  • Воведување на иновативни решенија; и
  • Почитување на еколошките прописи.

Две мошне важни активности во Преспа кои заслужуваат посебен акцент се:

а) изготвувањето на програми за рециклирање на земјоделски отпад и обезбедување на алтернативни решенија за управување со отпадот од земјоделските активности; и

б) засилување на кампањите за подигнување на свеста и вклучување на заедницата во активностите за заштита на животната средина.

Заштитата на природата не е само обврска на институциите – туку и на секој од нас. Само со заеднички напор можеме да ги ублажиме негативните влијанија на цврстиот отпад, да го заштитиме овој уникатен регион и да ја зачуваме Преспа за идните генерации. Taa, со своето исклучително природно богатство и изразен биодиверзитет, го заслужува секој атом енергија вложен во нејзината заштита.

Автор: Орхидеја Тасевска

Орхидеја Тасевска

Поврзани објави