Преспа заслужува повеќе – Еколошката едукација како пат кон одговорно управување со отпадот

Секојдневно сме сведоци на отпад фрлен покрај пат, во езеро или во шума, и додека ваквата пракса ни станува „нормална“, губиме многу повеќе од само естетиката на пејзажот. За жал, истата приказна ја носи и Преспанското Езеро – едно од најстарите и најзначајни природни богатства на Балканот – кое сè почесто се соочува со сериозни последици од несоодветното управување со отпадот. Пластика, градежен шут и друг несортиран отпад завршуваат на обалите, во шумите и во самото езеро. Овие призори не се само еколошки проблем, туку се и огледало на недоволно развиената култура на грижа за заедничкото добро.

И додека странските донации за заштита на Преспа стигнуваат во милиони, локалните ресурси и иницијативи се слаби, а јавната свест останува на ниско ниво. Од друга страна, Преспа не е само езеро – таа е дом, извор на живот и инспирација за многу генерации. Секој грам отпад што ќе го оставиме зад себе е порака до природата, до соседите и до иднината.

Доколку навистина сакаме долгорочна заштита на овој уникатен екосистем, мораме да започнеме со суштинска еколошка едукација – едукација што ќе гради вредности, ќе поттикнува одговорност и ќе охрабрува секој поединец да биде дел од решението, а не од проблемот.

Сенката на отпадот врз Преспа

Во последните години, дивите депонии, недоволната инфраструктура и ниската јавна свест оставија видливи траги на преспанскиот пејзаж. Според Студијата на УНДП за управување со цврст отпад од 2019, преку 90% од отпадот во руралните заедници не се сортира и често завршува во близина на водни тела. Во Преспа, ова директно влијае врз квалитетот на водата, биодиверзитетот и здравјето на локалното население.

Иако анализите покажуваат дека над 60% од отпадот може да се рециклира или компостира, недостасуваат организирани системи за селекција и третман, како и инфраструктура за отпадна поддршка во населените места. Сето тоа резултира со неорганизирано фрлање на отпад, вклучително и на потенцијално опасен материјал, кој го нарушува и пејзажот и животната средина.

Природните богатства, како што е Преспанско Езеро, сè повеќе страдаат поради несоодветно управување со отпадот и недостаток на јавна еколошка култура. Според Извештајот за состојбата со Преспанското Езеро (2021), несоодветната грижа за животната средина води кон сериозни промени на екосистемите и го доведува во прашање идното одржливо користење на езерото.

Извор: Архива на Институт за комуникациски студии. Фотографија: Томислав Георгиев

Еколошката едукација – клучот за промена

Денес, наставните програми недоволно ја третираат екологијата, што резултира со слаб развој на еколошката свест кај младите генерации. Недостигот од системско еколошко образование води кон несоодветно постапување кон природата, прекумерно создавање отпад и деградација на животната средина.

Главната цел на еколошката едукација е создавање генерации кои ќе ја разбираат и ценат природата, ќе се однесуваат одговорно и ќе придонесуваат кон одржлив развој. За жал, во нашата земја образовниот систем не ја препознава доволно оваа потреба. Еколошките содржини се маргинализирани, а учениците од основните и средните училишта ретко се охрабруваат активно да размислуваат за својата улога во зачувувањето на природата.

Реформирање на наставните програми, унапредување на законската регулатива и активно вклучување на институциите за заштита на природата, како што се националните паркови, се неопходни чекори. Истовремено, еколошката едукација треба да биде и формална и неформална – да се учи низ семинари, работилници, кампањи, медиуми и секојдневниот живот.

Еколошката едукација во денешно време не треба да е луксуз, потребно е заеднички да дејствуваме на најмладата генерација за да бидат еколошки описменети, само можеме да ја заштитиме природата и сите нејзини екосистемски услуги кои ни ги пружа.

Добри примери постојат – но се потребни посистематски пристапи

Иако постојат бројни добри примери на иницијативи за подигање на свеста, како локални акции за чистење на крајбрежјето на Преспанско Езеро и едукативни работилници организирани од училишта, јавни установи и невладини здруженија, сепак овие активности често пати не се на дологорчно ниво. Потребни систематски пристапи што ќе вклучуваат долгорочни едукативни програми за правилно управување со отпадот, интегрирани во формалното образование и поддржани од национални политики.

Во Преспанскиот регион, проблемот со несоодветното управување со отпадот е евидентен и директно влијае врз водниот квалитет и биодиверзитетот на езерото. Во Преспанскиот регион, проблемот со несоодветното управување со отпадот е евидентен и директно влијае врз водниот квалитет и биодиверзитетот на езерото. Според најновите анализи за состојбата на Преспа, недостатокот на системски решенија и ниската јавна свест се идентификувани како едни од главните фактори за загадувањето. Затоа, без активна еколошка едукација насочена кон сите возрасни групи, ризикуваме ваквите локални успеси да останат изолирани – без вистинско долгорочно влијание.

Еколошката едукација мора да биде основата за создавање трајни решенија – преку формално и неформално учење, практични активности и промени во секојдневните навики на заедницата.

Локалната одговорност не смее да изостане

Во последните неколку години, Преспа стана фокус на значајни меѓународни напори за зачувување. Европската Унија додели 18 милиони евра за проекти поврзани со заштита на Преспанско Езеро, кои вклучуваат активности за подобрување на квалитетот на водата, управување со отпадот и одржливо користење на природните ресурси. Овие средства се насочени кон обезбедување долгорочна заштита на екосистемите, а првпат во историјата за Преспа се мобилизира ваков обем на средства во еден интегриран пристап.

Сепак, локалниот одговор е многу послаб. И покрај големите донации од странство, националните и локалните власти многу малку инвестираат сопствени средства за зачувување на Преспа. Според истражување објавено на „Призма”, додека странските донатори вложуваат милиони, домашните институции често ги игнорираат обврските за заштита на ова уникатно природно богатство. Ваквата нерамнотежа покажува сериозна потреба од градење на внатрешна култура на одговорност и активно учество.

Ова уште еднаш ја потенцира важноста на еколошката едукација – не само за младите, туку и за јавните службеници, локалните власти и пошироката заедница. За одржлива иднина на Преспа, не е доволно само да се потпираме на странска помош. Потребно е создавање локално чувство на грижа и посветеност кон природата преку образовни програми, јавни кампањи и практична поддршка за иницијативи за заштита на езерото.

Преспа заслужува повеќе, заслужува активна заштита и одговорно управување со отпадот како дел од пошироката стратегија за зачувување на нејзината природна убавина и биолошка разновидност. Странските инвестиции се важни, но вистински трајната заштита ќе дојде преку подигната свест, еколошка едукација и ангажман на локалната заедница.

Автор: Ангела Тасеска

Ангела Тасеска

Поврзани објави