Ако живеев во Преспа
Што би правел со отпадот ако живеев во Преспа?
Да речеме дека ќе живеев, најверојатно, во приземна куќа во некое од селата кон брегот на Преспанското Езеро.
Да речеме дека, најверојатно, ќе имав помал или среден овоштарник.
Да речеме дека во овоштарникот поголем дел од дрвјата ќе беа од некоја сорта јаболка.
Да речеме дека меѓу дрвјата ќе имаше и некоја кајсија, можеби и цреша и калинка.
Да речеме дека ќе имав и мала бавча во која ќе одгледував нешто домати, краставици, пиперки, по некоја тиква, а можеби и компири.
Сигурно ќе имаше босилек и нане.
Да речеме дека ќе имав велосипед со мала приколка, едно возило и исто така мала приколка за него.
Да речеме дека ќе имав лопати, копачи и друг алат.
Оттаму, може да претпоставиме дека во ќошот на имотот ќе имав направено и мала импровизирана компостара. Ништо драматично, ограден квадрат земја со ниска дрвена ограда каде ќе ги фрлав сите остатоци од свежа храна, лушпи и остатоци од свежо овошје и зеленчук и од јајца. Ќе имав импровизирана компостара затоа што Општината досега немала обезбедено мали ротирачки компостери како што, на пример, пробно беа поделени во дел од руралните домаќинства во Гази Баба и тамошните општинари се изненадени од одѕивот и резултатите.

За побрзо да се распаднат, ќе имав мала машина – дробилка за лисја и гранки, во која ќе ги дробев сите остатоци од храната, заедно со паднатите лисја и гранки од овоштарникот. Ќе имав своја дробилка затоа што нема јавна дробилка. Целиот компост ќе го промешував еднаш неделно со гребло или со вила за да се распаѓа рамномерно. Издробените гранки од дрвјата ќе можев да ги користам како „мулч“ околу дрвјата и растенијата со што ќе овозможев земјата подолго да ја задржува влагата во лето, а со тоа да заштедам и вода.Тие постепено ќе се распаѓаа во земјата со што ќе ѝ додаваа хранливост. Или можеби од нив, на мала домашна преса, ќе изработував брикети за греење во зима како замена за дрва.
Од евентуалниот отпад од овоштарникот со соседите ќе печевме ракија. Јаболкова и од кајсија. Ако има поголема количина паднати јаболка поради некој ветер или невреме, со приколката на колата ќе ги носев на компостирање во ресенската машинска компостара направена со еден милион евра донација од Швајцарската агенција за развој преку УНДП. Под услов компостарата да работеше, наместо да биде затворена од 2017 година од нејасни причини.
Од целиот тој компост ќе имав добро и бесплатно ѓубриво за овоштарникот и бавчата, па немаше да морам да купувам и да користам вештачко ѓубриво ниту толку пестициди.

Досегашното домашно експериментирање со детална селекција на отпадот ми покажува дека на тој начин ќе се ослободев од најмалку околу ½ од отпадот што го создаваме во домаќинството, без да го фрлам во контејнер или на дива депонија или да го оставам на празен простор во природата, затоа што регионот нема легална депонија.
Пластичните шишиња од јогуртот ќе ги тргав на страна, заедно со тетрапакот од млекото и евентуално, ако остане некоја лименка, во една кутија која потоа со велосипедот со приколка еднаш месечно ќе ги носев до првата канта за селекција на пластичен отпад. До најблиската, под услов да имаше ваква канта, барем во некое од ресенските села покрај Езерото. Во таа количка ќе одеа и празните шишиња останати од потрошените шампони, детергентите и евентуално некое средство за чистење. Кантите потоа редовно ќе ги празнеше општинското јавно претпријатие, под услов да имаше камиони за тоа и тоа нешто понови од сегашните. Сегашното најново камионче во ова јавно претпријатие е од пред 11 години, а најстарoто возило има 30 години.

Ако, пак, некаде во разумна близина имаше од оние вендинг машини кои за секое селектирано пластично шише или лименка ви даваат по еден поен кој е еквивалент на половина денар, со соседите ќе собиравме поени, заедно, на една сметка. Еднаш годишно, од заедно собраните поени, ќе можевме во некој од поголемите маркети во Ресен да набавиме доволно храна за да организираме селска слава. Или можеби со поените ќе купувавме материјали за садење или некаква опрема што ни е потребна. Можеби ќе ни тргне толку добро со поените, што попатно ќе собиравме и фрлени шишиња и лименки од природата и за нив ќе добивавме поени, а притоа ќе ја расчистувавме и околината.
Оцет ќе правев сам, од јаболката, а зејтин ќе купувавме само од големи шишиња од 5-6 литри за потоа да го префламе во стаклено шише. Од таму, наместо пет шишиња по еден литар, ќе имавме отпад само еден балон од 5-6 литри.
Сокови и пиво ќе пиевме исклучиво од стаклени шишиња кои потоа празни се враќаат во продавницата. Од нив немаше да останува никаков отпад.
Целата хартија од производите кои ги купуваме во која нема дополнителни бои и пластика, исто така, ќе одеше во купот за компостирање. Од останатата хартија ќе изработував корпи, како оригами, со само неколку превиткувања. Во нив ќе ја фрлав преостанатата третина или четвртина од домашниот отпад. Тој отпад ќе го фрлав во контејнер, подразбирајќи дека таков ќе има на разумна раздалеченост и општинското претпријатие редовно го празни.
Пластични кеси немаше да има во домаќинството. До продавница исклучиво со платнени торби или со силни пластични торби кои може да траат вечно.

Повремено ќе барав дали некој производител на млеко или јогурт може да ми ги продаде во повратна стаклена амбалажа. Ако најдам некој таков, ќе престанам да создавам и половина од отпадот од пластика.
Во секој случај, ако живеев во Преспа, од моето домаќинство никаков отпад немаше да заврши во езеро или во река, ниту во природа. Затоа што Преспа е прекрасна и затоа што денеска има многу начини како да се намали отпечатокот на секое домаќинство одделно. И затоа што се проценува дека над 44% од вкупниот отпад во општината е биоразградлив.
Подигнувањето на јавната свест кај оние кои сѐ уште не размислуваат во оваа насока е нужно, но тоа нема да придонесе премногу ако процесот не го следи и создавање на одржлив систем за управување со отпадот. Ако бараме од граѓаните да се однесуваат на некаков начин, институциите мора да понудат и решение. Ако сакаме отпадот да го снема од природата, мора да има каде ќе се одложува. А потоа и како воопшто да не се создава. Ништо спектатуларно за почеток. Базичен систем и алтеративи за секој од видовите отпад кои обично се наоѓаат во природата во регионот. Добар дел од нив воопшто и не треба да се гледаат како отпад, туку како ресурс. Чекор по чекор.

