Април во знакот на еко-едукација и акции за почиста Преспа 

Во текот на април, во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, се одржаа три едукативни работилници и еко-акција со ученици од основните училишта во Преспанскиот регион. Активностите беа насочени кон подигнување на свеста кај младите за правилно управување со отпадот, селектирање, реупотреба, рециклирање и намалување на отпадот во секојдневието. 

Првата априлска работилница се одржа на 3 април во ОУ „Славејко Арсов“ во Подмочани, на тема управување со отпад. Учениците преку воведна тематска работилница и презентација се запознаа со управувањето со создадениот отпад, како и со поимите селектирање, рециклирање, реупотреба и апциклирање. Работилницата ја водеше Марија Евтимовска од Еко Герила Преспа – Ресен. 

На 22 април, по повод Денот на планетата Земја, во ОУ „Гоце Делчев“ во Ресен се одржаа две работилници со четириесетина ученици и наставен кадар. Учениците преку презентација и интерактивни активности учеа за видовите отпад, селектирањето, реупотребата и начините за негово намалување. Посебен фокус беше ставен на органскиот отпад и на идејата дека отпадот, доколку правилно се искористи, може да добие нова вредност и да стане ресурс. Како практичен пример, учениците сами креираа сад за пијалок за повеќекратна употреба, поттикнувајќи размислување за помалку отпад и повеќе повторна употреба. 

Работилниците беа проследени со еко-акција, во која ученици, наставници и волонтери го исчистија дворот и околината на училиштето и го уредија училишниот простор. Преку оваа активност, учениците на дело покажаа дека грижата за животната средина почнува од личниот пример и од заедничката одговорност. 

Априлските активности покажаа дека учениците се вклучуваат во еко активности и дека преку практични примери најдобро се учи како да се чува животната средина. Со нивната енергија и посветеност, тие испраќаат важна порака – дека почисто и позелено утре се гради со знаење, навики и заедничка акција. 

Работилниците и еко-акциите се дел од активностите на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Еко Герила Преспа и Македонско еколошко друштво, со поддршка од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.  

Поврзани објави