„Чист Град“ како модел за системско справување со дивите депонии во Преспа

Институции, јавни претпријатија, граѓански организации и граѓани дискутираа за поефикасно управување со отпадот, следење на критичните точки и можностите за воспоставување на моделот „Чист Град“ во Преспанскиот регион.

На 4 јуни, во пресрет на Светскиот ден на животната средина – 5 јуни, во Ресен се одржа брифинг на тема „Одржливо управување со отпад и можности за имплементирање на моделот ‘Чист Град’ во Преспа“. Настанот го организираше Еко Герила Преспа, во соработка со Институтот за комуникациски студии, во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, поддржана од Европската Унија.

На брифингот учествуваа претставници од локални институции, јавни претпријатија, граѓански организации и граѓани, кои разговараа за состојбата со дивите депонии, критичните точки идентификувани на терен и можните решенија за поефикасно управување со отпадот во Преспанскиот регион.

Во фокусот беше моделот „Чист Град“, кој предвидува системско следење, пријавување и постапување во однос на критичните локации со отпад преку софтверско решение, видео надзор и можност за граѓанско пријавување. Идејата е моделот најпрво да се пилотира на пет критични точки, со цел побрза реакција на надлежните служби и спречување на повторното создавање диви депонии.

Идејата за „Чист Град“ произлезе од повеќе од 30 средби и дискусии со локалното население што Еко Герила Преспа ги спроведе во изминатата година во рамки на кампањата. На овие средби, граѓаните покажаа интерес и подготвеност да се вклучат во подобри практики за управување со отпадот, но и потреба од поорганизиран и траен систем, наместо решенија што зависат само од повремени акции на терен.

„Колку и да се трудиме со кампањи и интервенции, тоа станува неодржливо доколку нема системско решение. Имајќи ја предвид состојбата на терен и барањата на локалното население, дојдовме до идејата за ‘Чист Град’, модел кој би придонел кон одржливост на она што сите заеднички го работиме“, посочи Марија Евтимовска од Еко Герила Преспа.

Според информациите презентирани на брифингот, мапирани се 33 мали диви депонии низ Преспанскиот регион. Иако дел од нив се исчистени, отпадот повторно се појавува на истите локации, што покажува дека проблемот не може да се решава само со еднократни акции за чистење.

Марија Проевска Марковска, раководителка на Одделението за животна средина и управување со отпад во Општина Ресен, посочи дека дивите депонии се долгогодишен проблем, особено во руралните и туристичките подрачја. Од девет поголеми депонии досега се исчистени шест, при што се отстранети 6.250 м³ отпад, а од 33 мапирани помали депонии исчистени се 14.

„Чистењето на дивите депонии е сериозен економски предизвик за општината, бидејќи бара човечки ресурси, механизација, гориво и логистика, а не носи директен приход. Загадената животна средина е ризик и за овоштарството и за туризмот. Затоа го поддржуваме моделот ‘Чист Град’, кој може да придонесе за поголема свест, помалку отпад и подобра заштита на почвата, водите и биодиверзитетот“, истакна Проевска Марковска.

Нуредин Бахтијар, командир за јавен ред и мир и превенција при Подрачната полициска станица од општа надлежност – Ресен, посочи дека за примена на моделот е потребно да се разгледаат законските можности за снимање на критичните локации и користење на тие податоци за постапување пред надлежните институции.

„Сметаме дека ‘Чист Град’ може да има успех слично како моделот ‘Safe City’, но потребно е најпрво да се разгледаат законските можности и доколку е потребно, да се предложат измени. Постапувањето мора да биде координирано и согласно правилата“, посочи Бахтијар.

Поддршка за иницијативата даде и Александар Шуковски, заменик генерален директор на ЈП „Македонија пат“, кој истакна дека вакво решение би помогнало, но дека треба законски да се уреди и потоа да се имплементира. Тој посочи дека претпријатието ги интензивирало активностите за чистење покрај патиштата и дека на ниво на целата држава се собрани околу 6.000 тони отпад покрај патиштата.

Вики Проевска од ЈКП „Пролетер“ – Ресен посочи дека најчест проблем се кабастиот и градежниот отпад, кои создаваат диви депонии надвор од градот. Таа нагласи дека ЈКП „Пролетер“ учествува во чистењето на дивите депонии, но нема соодветна механизација, ниту посебен буџет за такви активности.

„Најчесто се повторуваат истите депонии, како Езерани – Царев Двор, Горно Дупени и депонијата кај фармата. Се чистат и по два пати годишно, но брзо се полнат. Затоа е потребен систем кој ќе овозможи соодветно постапување“, посочи Проевска.

Васко Лозановски од Преспа Дрво – Македонски шуми истакна дека нивните служби постојано се на терен и можат да помогнат со информации, мапирање на критичните точки и пријавување до надлежните инспектори.

Брифингот овозможи дискудија меѓу институциите, јавните претпријатија, граѓанските организации и граѓаните. Локалното население активно се вклучи со прашања, забелешки и конкретни предлози, што дополнително ја потврди потребата од заеднички и координиран пристап.

Од дискусијата произлегоа препораки за подготовка на предлог-акциски план за реализација на моделот „Чист Град“, кој ќе ги опфати можните технички решенија, институционалните надлежности, потребната финансиска и логистичка поддршка и механизмите за координација меѓу засегнатите страни.

Заклучоците и препораките од брифингот ќе бидат доставени до релевантните институции, јавни претпријатија, донатори и засегнати страни, со цел да се обезбеди поддршка за понатамошна разработка и реализација на предложениот модел. Брифингот се организираше во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Еко Герила Преспа и Македонското еколошко друштво, со поддршка на Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.

Поврзани објави