Децата од Преспа преку работилници и еко акции покажаа како се сака природата
Младите од Преспа ја започнаа пролетта со еко акции и работилници, испраќајќи силна порака дека грижата за природата и животната средина започнува со личен пример и заедничка одговорност.
Во изминатиот период во Преспа беа реализирани низа активности преку кои децата, младите, родителите, наставниците, вработените во училиштето, волонтерите и локалните институции не само што учеа, туку и практично покажаа како се гради однос кон почиста и поздрава околина.
Првата еко акција беше организирана во пресрет на пролетта, во соработка со ОУ „Мите Богоевски“, наставниот кадар, волонтерите и учениците. Во акцијата се чистеа училниците, ходниците, канцелариите, училишните дворови, влезовите и спортското игралиште. Учениците со својот ангажман покажаа дека Преспа се сака и чува преку конкретни дела.
На оваа акција ѝ претходеа работилници за управување со отпадот, преку кои децата учеа каде припаѓа отпадот, како да создаваат помалку отпад и како дел од материјалите можат повторно да се употребат. Со тоа, тие не само што стекнаа нови знаења, туку и практично покажаа дека чистотата е важна и дека секој може да придонесе за поздрава животна средина.
Беа одржани и две работилници со деца и родители, во соработка со трите општински градинки. Во овие активности се вклучија и родителите, кои заедно со децата имаа можност да научат повеќе за правилното управување со отпадот, за тоа кое ѓубре каде припаѓа, како да се создава помалку отпад и како некои материјали можат повторно да се искористат.
Работилниците беа тематски подготвени во пресрет на два важни датуми за животната средина. Првата работилница беше организирана по повод Денот на рециклирањето, а покрај едукативниот дел, децата изработуваа и украси за дворовите на градинките користејќи отпадни материјали. На тој начин, преку креативна работа, учеа за значењето на реупотребата и рециклирањето.
Втората работилница беше посветена на Светскиот ден на водата и беше реализирана во соработка со ЈКП „Пролетер“. Во активноста се вклучија и претставници од претпријатието, кои ги пречекаа дечињата и нивните родители во своите простории и преку презентација зборуваа за значењето и важноста на водите. Посебен акцент беше ставен на тоа како отпадот влијае врз водите, а со тоа директно и врз здравјето на луѓето и состојбата на животната средина.
По завршувањето на работилницата, учесниците се упатија кон речното корито на Голема Река, каде сите заедно реализираа еко акција. Се чистеше просторот околу реката, како и пешачкиот дел покрај речното корито.
Овие активности уште еднаш покажаа дека едукацијата има најголем ефект кога е проследена со практична примена. Иако целта е да се зголеми јавната свест за управувањето со отпадот, ваквите активности покажуваат дека кога во процесот се вклучени децата, родителите, наставниците, училиштата и локалните институции, промените полесно стануваат видливи и значајни за целата заедница.
Работилниците и еко акциите се дел од кампањата „Преспа Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во партнерство со Еко Герила Преспа и МЕД, со поддршка од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.













