Добрите практики за помалку отпад во фокусот на медиумската тура во Преспа

Новинари од национални и регионални медиуми ја посетија Преспа во рамки на медиумската тура организирана како дел од кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, со цел одблизу да се запознаат со локалните примери за одговорно управување со отпадот и заштита на животната средина.

Пред теренските посети, новинарите имаа краток брифинг на кој беа запознаени со целта на турата, предложените теми и локалните соговорници — земјоделци, мали бизниси, активисти и претставници од образовни институции кои преку својот пример промовираат добри практики за намалување, селекција и повторна употреба на отпадот.

Потоа, новинарските екипи посетија повеќе локации во Преспанскиот регион, каде преку разговори со локалните чинители се запознаа со конкретни решенија што веќе се применуваат на терен. Посетата опфати примери од земјоделството, каде органскиот отпад се користи за компостирање или за подготовка на природни препарати, како и мали бизниси кои применуваат еко практики, селекција на отпад, биоразградливи материјали и обновливи ресурси.

Новинарите се запознаа и со локални активисти и занаетчии кои преку личен пример, креативност и социјално претприемништво покажуваат дека отпадот може да добие нова вредност. Посебен акцент беше ставен и на улогата на училиштата и детските градинки во развивањето еко навики уште од најрана возраст, преку практични активности, работилници и иницијативи за одговорно постапување со отпадот.

Медиумите имаат важна улога во пренесувањето на ваквите приказни до јавноста. Преку посетата, новинарите добија можност да подготват содржини од терен кои не ги прикажуваат само предизвиците, туку и конкретните решенија што веќе се применуваат во Преспа. Токму овие локални примери покажуваат дека промената започнува со мали, но постојани чекори во домаќинствата, земјоделските стопанства, училиштата, бизнисите и институциите.

Кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ има за цел да поттикне подобри практики за управување со отпадот, правилна селекција, намалување на штетните влијанија врз природата и поголема вклученост на локалната заедница. Кампањата ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, со поддршка од Европската Унија.

Поврзани објави