Еко свеста и забавата се споија на брегот на Преспанско Езеро
Најубавото лице на Преспа се појави последниот викенд од август, кога плажата во автокампот Крани оживеа со младешка енергија, еко активизам и музика. Повеќе од педесетина млади и љубители на природата се собраа на Камп фест Преспа заеднички да ја прослават љубовта кон езерото и одговорноста кон животната средина.
Неделното утро покажа што значи грижата кон природата во дело. Со ракавици и вреќи во раце, околу дваесетина волонтери – млади и жители на Преспа, ја исчистија дивата, затревена зона од плажата кај Крани. Со заедничка енергија се претвори во уреден простор, повторно достоен за езерото што го краси.
По акцијата, атмосферата се пресели на летниот бар на плажа. Преку проекција на документарниот филм „Што ја гуши Преспа?“, кратки едукативни видеа и мини изложба со еко пораки, се потсети дека кампот не е само забава, туку и учење и инспирација.
А за крај – музика. Настапот на „Moodfellas” беше врвот на викендот. Бендот донесе заразна енергија и го заокружи фестивалот со забава што траеше до попладневните часови. Танцување, смеење и зајдисонце – три симболи со кои учесниците ќе го паметат ова издание на Камп фест Преспа.
Кога денот стивна, остана впечатокот дека Преспа повторно докажа: кога заедно делуваме и славиме, можеме да создадеме поубава и почиста средина.
Камп фест Преспа го организираа Еко герила Преспа и Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија преку програмата ЕУ за Преспа.












