Граѓаните и фармерите активно се вклучуваат во решавањето на предизвиците со отпадот
Продолжува едукацијата и вклучувањето на локалното население во создавањето решенија што ќе придонесат за почиста и поздрава Преспа. Во продуктивна и конструктивна атмосфера, овој пат се одржаа две работилници во кафе-барот „Млад турист“ во Ресен, препознатлив по примената на одржливи практики за заштита на животната средина. На работилниците присуствуваа околу 40 учесници – локално население и фармери од повеќе населби од Ресен, како и жители од неколку околни села.
Работилниците беа можност учесниците активно да се вклучат во дискусијата, да споделат свои согледувања од секојдневието и да дадат конкретни предлози и идеи за подобро управување со отпадот. Се разговараше за моменталната состојба со отпадот во нивната околина, за новините поврзани со селекцијата на отпад што ќе се воведуваат, за повторното ставање во функција на компостарата, како и за управувањето со органскиот отпад. Учесниците предложија повеќе решенија за подобрување на хигиената во населбите и селата, како и идеи за поефикасно одлагање и собирање на отпадот на колективните собиралишта покрај зградите и на другите предвидени локации.
Во интерес на потребите на заедницата и заедничкото надминување на предизвиците поврзани со отпадот, ваквите работилници ќе продолжат и во наредниот период, со цел граѓаните активно да се вклучат со свои предлози и идеи за почиста Преспа.
Дискусиите се реализираат како активност во рамки на кампањата „Преспа, разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во партнерство со Еко Герила Преспа и МЕД, со поддршка од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.









