„Камп фест Преспа 2026“ собра повеќе од 600 љубители на природата и забавата
Два дена исполнети со забава, дружење, кампување и екоактивности привлекоа повеќе од 600 посетители на третиот „Камп фест Преспа 2026“, кој се одржа на 15 и 16 август на плажата „Сончев брег“ во автокампот Крани.
Со бројните посетители и разновидната програма, плажата „Сончев брег“ потсети на својот сјај од пред дваесетина години и повторно внесе живост во Преспа.
Првиот ден од фестивалот беше посветен на кампувањето, музиката, забавата и дружењето. На плажата беа поставени дваесетина шатори, а кампувањето како посебно доживување го искусија посетители од различни возрасти. Вториот ден започна со музичка програма, по што следуваа едукативни и еколошки активности, како и проекција на документарниот филм „Природно од Преспа“. На тој начин, фестивалот ги поврза забавата и дружењето со едукацијата и заедничката грижа за животната средина.
Посетителите имаа можност поинаку да ги доживеат убавините на Преспа, возејќи електрични велосипеди на велотурата од Крани до Претор и назад. Велотурата беше дел од проектот „Prespa by Bike“, во рамките на програмата „ЕУ за Преспа“, поддржана од Делегацијата на Европската Унија, а реализирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). На настанот годинава се приклучи и компанијата „Свислион – Агроплод“ Ресен.
„Камп фест Преспа 2026“ го организираа Еко герила Преспа и Институтот за комуникациски студии, како дел од кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.










































































