Локалната заедница и институциите заедно бараат решенија за отпадот во Преспа
Вклучувањето на локалната заедница е клучно за создавање одржливи решенија за управување со отпадот. Токму затоа, изминатиот викенд жителите од Ресен и околните села го посветија своето време на заедничка дискусија и креирање идеи за почиста Преспа.
Беа реализирани две работилници со локално население и земјоделци, на кои учествуваа околу четириесетина жители од селата Болно, Царев Двор, Дрмени, Шурленци, Перово (долно и горно) како и од Ресен. На средбите тие дискутираа со директорот на ЈКП „Пролетер“, Марчел Консентино Русу за тековните предизвици во управувањето со отпадот и за можните чекори што треба да ги преземат сите засегнати страни. Во рамки на овие средби се работеше и на акциски план за спроведување на веќе усвоените препораки и барања на жителите, меѓу кои се обезбедување втори канти за селекција на отпад во селата (за пластика, хартија и лименки), поставување пунктови за собирање текстилен отпад и воспоставување модел за собирање и управување со отпад од пестициди, кој ќе се развива во соработка со земјоделските аптеки.
Дискусиите се одржуваат во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Еко Герила Преспа и Македонско еколошко друштво, со поддршка од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.






