Одржани нови еко-работилници со основците од Ресен – Учиме за отпадот и неговото влијание врз Преспа

Во просториите на преспанските основни училишта „Славејко Арсов“ во Подмочани и „Браќа Миладиновци“ во Царев Двор, детски гласови разговараа за отпадот и неговото влијание врз екосистемите. Но овој пат не како обична лекција, туку како лична мисија за заштита на нивната Преспа.

Работилниците во Преспа собраа 48 ученици кои покажаа колку длабоко младите ја доживуваат темата за отпадот ако им се даде простор да прашуваат, размислуваат и предлагаат решенија. Учениците цртаа мапи на загадување, идентификуваа локални извори на отпад, предлагаа нови навики и размислуваа како да ја направат својата средина поодржлива. Најмногу ги инспирираа практичните примери – каде и зошто се создава отпад, што се случува со него и што можат тие да направат.

На работилниците беа промовирани и онлајн квизовите изработени токму за овие едукации за дополнително да се поттикне интересот на учениците за учење преку интерактивни содржини.

Голем дел од учениците изразија желба повторно да учествуваат во слични активности и да иницираат еко-акции во нивните училишта и заедници.

Еко-работилниците ги спроведе Македонското еколошко друштво во кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС), а е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.

Поврзани објави