Околу 100 граѓани учествуваа на априлските работилници за подобро управување со отпадот во Преспа

Околу 100 земјоделци, фармери и жители од Преспанскиот регион учествуваа на четирите априлски работилници посветени на одржливо управување со отпадот, организирани во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“.

Работилниците се одржаа во Ресен и во селата Избишта, Крани и Арвати. Преку отворена и интерактивна дискусија, учесниците имаа можност да се информираат за селектирање, рециклирање, реупотреба и правилно постапување со отпадот, но и да ги споделат предизвиците со кои секојдневно се соочуваат во своите заедници.

Посебен акцент беше ставен на кабастиот отпад, отпадот од амбалажата од пестициди, органскиот и биоразградливиот отпад, како и на можностите за подобрување на состојбите преку локални решенија и поголема соработка со надлежните институции.

На работилницата во Избишта, жителите дадоа предлози како подобро да се менаџира кабастиот отпад и амбалажата од пестициди. Дискусијата покажа дека локалното население е подготвено активно да се вклучи во барањето практични решенија за почиста средина.

Во Ресен, во просториите на акцелераторот „Преда Плус“, разговорот беше насочен кон моменталната состојба со управувањето со отпадот во регионот, органскиот отпад, компостирањето и начините за подобрување на квалитетот на почвата. На работилницата учествуваа и претставници од Салар Интернационал, кои споделија искуства за добри практики од Шведска и за можностите што ги нуди регионалниот модел за интегрирано управување со отпад. Учесниците разговараа и за потенцијалот органскиот отпад да добие додадена вредност преку зелени идеи и локално претприемништво.

Работилниците во Крани и Арвати, беа насочени кон локалните состојби и практичните решенија за селектирање, рециклирање и реупотреба на отпадот. Жителите ги споделија своите искуства, проблеми и предлози за тоа како заедницата може поорганизирано да придонесе кон подобро управување со отпадот.

Заклучокот од четирите работилници е дека интересот на локалното население за темата расте, а промените започнуваат преку отворен разговор, заедничко планирање и вклучување на сите засегнати страни. Управувањето со отпадот не е само институционална обврска, туку и заедничка одговорност на граѓаните, земјоделците, бизнисите и локалната заедница.

Работилниците се дел од активностите во рамки на  кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, со поддршка од Европската У нија преку програмата „ЕУ за Преспа“.

Поврзани објави