По поплавите во Преспа, разговори што отвораат решенија за управување со отпадот
Со последните денови од декември, во Преспа се заокружи една година исполнета со разговори, средби и споделени грижи за животната средина. Последните дискусии организирани во селата Кривини, Јанковец, Болно и Царев Двор, како и во Ресен ја имаа истата цел – да ги слушнеме луѓето и заедно со нив да побараме решенија.
Преку отворени и продуктивни разговори околу 70 жители директно се вклучија со конкретни предлози и идеи за подобрување на животната средина во нивните населени места. После актуелните поплави и штетите што ги оставија зад себе, мештаните најмногу зборуваа за запуштените речни корита, затрупани со градежен и кабаст отпад и обраснати со непотребна вегетација, кои во критични моменти стануваат сериозна закана. Паралелно, се отвори и прашањето за селектирањето на отпадот и недостигот од функционални решенија на локално ниво.
После последните средби низ Преспа, заклучокот е заеднички. Дивите депонии, јавната нечистотија во селата, несоодветното управување со речните корита, отпадот од пестициди и слабата комуникација меѓу заедницата и институциите се главните проблеми што го загрозуваат квалитетот на живот и природата во регионот.
Истовремено, жителите испратија и јасна порака дека е потребна поголема едукација, посилно вклучување на заедниците во локални акции и транспарентно информирање при креирањето на плановите за управување со отпадот. Решенијата, велат, се можни, но само ако одговорноста ја споделиме сите.
Дискусиите се одржуваат во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Еко герила Преспа и Македонско еколошко друштво, со поддршка од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.



























