Покана за брифинг: Одржливо управување со отпад и можности за имплементирање на моделот „Чист Град“ во Преспа
4 јуни (четврток) | 11:00-13:00 ч. | Мала општинска сала (Ресен)
Управувањето со отпадот е едно од клучните прашања за заштита на животната средина во Преспанскиот регион, особено во услови кога дивите депонии, критичните точки со отпад и несоодветното одлагање продолжуваат да влијаат врз природата, јавниот простор и квалитетот на живот на локалното население.
Ова прашање добива дополнителна важност во пресрет на Светскиот ден на животната средина – 5 јуни, кој потсетува на потребата од заедничко дејствување, одговорно однесување и конкретни решенија за почиста и поздрава средина.
Со цел да се поттикне заеднички пристап кон решавање на овие предизвици, Еко Герила Преспа, во соработка со Институтот за комуникациски студии, организира брифинг на тема „Одржливо управување со отпад и можности за имплементирање на моделот „Чист Град“ во Преспа “, која ќе се одржи на 4 јуни 2026 година, со почеток во 11:00 часот, во Малата општинска сала во Ресен.
Брифингот има за цел да отвори стручна и конструктивна дискусија за моменталната состојба со дивите депонии, критичните точки идентификувани на терен и можните решенија за подобрување на управувањето со отпадот во Преспанскиот регион.
Во рамки на настанот ќе биде претставена идејата за воспоставување на моделот „Чист Град“, како можност за поефикасно следење, пријавување и постапување во однос на критичните локации со отпад. Ќе се разгледаат можностите за примена на софтверско решение, камери, теренско следење и други технолошки алатки, како и дополнителни предлози што ќе произлезат од дискусијата.
На брифингот ќе учествуват претставници од релевантни локални институции и јавни претпријатија, кои ќе се осврнат на состојбите од аспект на нивните надлежности. Настанот ќе овозможи и отворена дискусија со засегнатите страни, со цел да се утврдат конкретни препораки и следни чекори за реализација на предложениот модел. Брифингот се организира во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, со поддршка на Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.
