Покана за панел дискусија „За почиста Преспа: заеднички чекори за подобро управување со отпад“

23 април (четврток) | 11:00-13:00 ч. | Ресен – ПЛУС Акцелераторот (СОУ „Цар Самоил“)

Управувањето со отпадот претставува едно од клучните прашања за заштитата на животната средина во Преспа и за долгорочното унапредување на квалитетот на живот на локалното население. Предизвиците поврзани со собирањето, селекцијата, третманот и одлагањето на отпадот не се однесуваат само на уредувањето на просторот, туку и на заштитата на природните ресурси, здравјето на населението, одржливиот развој и иднината на регионот. Во услови кога се потребни поефикасни локални решенија, подобра меѓуинституционална координација и поголема вклученост на заедницата, станува особено важно да се отворат јавни разговори за тоа што се презема во моментов, кои се главните предизвици и кои треба да бидат следните чекори.

Институтот за комуникациски студии (ИКС) Ве поканува да учествувате на панел-дискусијата „За почиста Преспа: заеднички чекори за подобро управување со отпад“, која ќе се одржи на 23.04.2026 година (четврток), со почеток во 11:00 часот, во ПЛУС Акцелераторот (СОУ „Цар Самоил“) во Ресен.

На панел-дискусијата свои излагања ќе имаат Емил Стојанов од Салар Интернационал (SALAR International), Зоран Трајчевски од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Марчел Консентино Русу од ЈКП „Пролетер“ – Ресен и Ајман Ал Мала, раководител на сектор за животна средина во Општина Ресен, кои ќе се осврнат на регионалниот и локалниот пристап кон управувањето со отпад, на досегашните активности и искуства од терен, како и на можностите за поефикасна координација и заедничко дејствување меѓу институциите, јавните претпријатија, граѓанскиот сектор, бизнис-заедницата и локалното население.

Ве молиме да го потврдите Вашето присуство најдоцна до среда (22 април).

Лице за контакт: Моника Аксентиевска, координаторка на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ – [email protected], 070 281 654.

АГЕНДА ЗА ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА

„ЗА ПОЧИСТА ПРЕСПА: ЗАЕДНИЧКИ ЧЕКОРИ ЗА ПОДОБРО УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД

23 април (четврток) 2026 | 11:00-13:00 ч. | Ресен – ПЛУС Акцелераторот (СОУ „Цар Самоил“)

Час

Говорник и сесија

10:45 – 11:00

Регистрација на учесници и кафе

11:00 – 11:10

Добредојде и вовед во дискусијата
Маја Блажевска Евросимоска, модераторка

11:10 – 11:25

Емил Ангелов, Салар Интернационал (SALAR International)
„Регионалниот пристап и можности за поефикасно управување со отпад“

11:25 – 11:40

Зоран Трајчевски, Програма за развој на Обединетите нации (УНДП)
„Тековни инфраструктурни интервенции и придобивки за одржлив развој на Преспа“

11:40 – 11:55

Марчел Консентино Русу, ЈКП „Пролетер“ – Ресен
„Искуства од терен и практични насоки за унапредување на системот за управување со отпад“

11:55 – 12:10

Ајман Ал Малла, Сектор за животна средина, Општина Ресен
„Локални приоритети и заеднички чекори за почиста Преспа“

12:10 – 12:40

Дискусија

12:40 – 13:00

Мини коктел

Панел-дискусијата се организира во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, со поддршка на Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.

Поврзани објави