Преспа ја крева свесноста за отпадот – од фармери до најмалите жители
Преспа добива нови сојузници во борбата за почиста и поубава средина. Минатиот месец, преку пет едукативни работилници, локалните жители – од искусни фармери до дечиња од градинките – активно учеа, дискутираа и предлагаа решенија за подобро управување со отпадот во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“.
Еко Герила Преспа во јули организираше три работилници за фармери и жители на Ресен и околните населби, на кои присуствуваа околу 60 учесници. Низ отворена и продуктивна дискусија, учесниците се соочија со реалните предизвици: како правилно да се постапува со отпадот од пакување со пестициди, што да се прави со органскиот отпад и кои се најдобрите решенија за управување со цврстиот и кабастиот отпад.
Од разговорите произлегоа низа практични препораки и идеи – од поставување специјализирани контејнери, до воведување организирани акции за собирање на опасен отпад – кои ќе бидат доставени до локалните институции. Посебно внимание беше посветено за вклученоста на заедницата во носењето одлуки за отпадот и се предложија конкретни начини за поголема јавна вклученост и транспарентност во процесите на одлучување.
Јули го одбележаа и две весели и едукативни средби со најмладите жители на Преспа – децата од претшколска возраст и нивните родители. Во градинките на Ресен, повеќе од 40 учесници заедно со воспитувачите и тимот на проектот, низ игра учеа како да го селектираат отпадот, каде правилно да го одложат и зошто е важно да ја заштитиме природата.
Практичниот дел беше вистински хит – децата опишуваа каков отпад најчесто се создава во нивните домови и со голема гордост го одлагаа во „правилните“ импровизирани садови. Родителите активно се вклучија, а многумина признаа дека од своите деца научиле нови начини за постапување со отпадот.
Кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ е дел од проектот „Поттикнување на промени во однесувањето на граѓаните за подобрување на практиките за управување со отпад во регионот Преспа“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии во партнерство со Еко герила Преспа и МЕД, со финансиска поддршка од Европската унија.












