Преспа во пресрет на туристичката сезона: едукација, разговори и заедничка одговорност за помалку отпад
И ова лето во Преспа продолжуваат активностите за едукација и разговор со локалното население за поодговорно управување со отпадот и подобрување на јавната чистота, особено во пресрет на туристичката сезона.
Месецот мај го завршивме со работилница во Ресен, на која во фокусот беа младите. Тие активно се вклучија во разговорот за отпадот, селектирањето, компостирањето и одговорноста кон животната средина, покажувајќи дека имаат добра основа и јасни ставови за тоа што треба да се промени.
Нивната порака беше дека едукацијата за отпадот и заштитата на животната средина треба да започне уште од најрана возраст и да биде редовно застапена во образовниот систем. Покрај едукацијата, младите посочија дека се потребни и поголем мониторинг и казни за оние што ја загадуваат животната средина.
Во јуни, работилниците продолжија во Долна Преспа, со средби со жителите на Горна Бела Црква, Долна Бела Црква, Рајца и Курбиново. На овие средби, локалното население ги сподели своите искуства и укажа на најчестите проблеми со отпадот, дивите депонии и загадените речни корита.
Во селата во Долна Преспа, фокусот беше ставен на секојдневните проблеми со кои се соочуваат жителите. Жителите посочија дека дел од локациите со години се користеле за фрлање отпад, најчесто поради недоволни можности за соодветно депонирање и недоволна информираност за правилно постапување со различните видови отпад.
Дел од работилниците се одржаа и на терен, во близина на локации каде жителите посочија дека има проблеми со отпад. Таму се разговараше за различните видови отпад и за тоа како најсоодветно да се постапува со секој од нив, со цел да се намали создавањето нови диви депонии и да се поттикне поодговорно однесување.
Заедничкиот заклучок од работилниците е дека Преспа долго време се соочувала со натрупување отпад, но дека со новите решенија и активности на ЈКП „Пролетер“, постојат повеќе можности за правилно постапување со отпадот.
Затоа, следниот чекор е промена на навиките. Почиста Преспа не зависи само од институциите, туку и од секојдневното однесување на жителите, туристите, земјоделците и локалните бизниси. Само со заедничка одговорност, редовна едукација и практични решенија може да се зачува природата и да се подобри квалитетот на живот во регионот.
