Преспанските ученици со мини изложба за отпадот по повод Светскиот ден на животната средина
Да научиме повеќе за отпадот преку лично учество! Ова беше мотото на првата еко-работилница со ученици од Ресен во кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што Еко герила Преспа ја организираше по повод Светскиот ден на животната средина – 5 јуни.
На работилницата „Отпад и како да менаџираме со него“ учениците учеа за различните видови отпад, нивната правилна селекција, можностите за реупотреба и процесите на рециклирање. Учесници беа ученици од средното училиште во Ресен и основното училиште во Царев Двор.

Преку теренска работа и пристапот „учење преку чистење“, младите се стекнаа со практични знаења и воедно создадоа мини изложба посветена на темата отпад и животна средина. Изложбата беше претставена пред ЕУ амбасадорот Микалис Рокас и градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски.
Преку оваа мини галерија, учениците испратија порака за важноста на правилното управување со отпадот и потребата од борба против дивите депонии. Кампањата ја спроведува Институтот за комуникациски студии во соработка со Еко герила Преспа и е финансирана од Европската унија.
