Преспанските земјоделци во отворена дискусија за отпадот што го создаваат 

Нова работна дискусија со преспанските земјоделци и жители од селата Шурленци, Волкодери и Сирхан. Активистите од Еко герила Преспа организираа средба на пунктовите за откуп на јаболка – таму каде што секојдневно се одвива животот и трудот на земјоделците, и директно разговараа со нив не само за родот, туку и за отпадот – како да го намалат, како правилно да го одлагаат и како заедно да создадат почиста и поодржлива Преспа.

На средбата присуствуваа повеќе од дваесетина жители и земјоделци кои споделија свои искуства, проблеми, но и идеи за управувањето со отпадот. Посебен акцент беше ставен на отпадот од пакувањето на пестициди и на начините за справување со органскиот отпад што настанува во текот на сезоната. Учесниците дадоа и конструктивни предлози за подобрување на локалните практики и за воведување нови решенија што би придонеле за почиста Преспа.

Дискусијата опфати и теми како рационалното користење на водата и значењето на канализационата инфраструктура за зачувување на природните ресурси.

Средбата резултираше со низа препораки што ќе бидат споделени со надлежните институции како можни решенија за локалните проблеми со отпадот и за унапредување на одржливото управување со природните ресурси во Преспа.

Работната дискусија се одржа во рамките на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, со поддршка од Европската унија преку програмата ,,ЕУ за Преспа”.

Поврзани објави