Регионалните центри и едукацијата клучни за почиста Преспа

Преспанскиот регион, еден од највредните природни богатства на Балканот се соочува со сериозни предизвици поврзани со отпадот. Несоодветното постапување со комуналниот, земјоделскиот и индустрискиот отпад, недоволната селекција и дивите депонии со децении се закана за почвата, водите, екосистемот и квалитетот на живот на локалното население. Неколку проекти за заштита на Преспа поддржани од ЕУ веќе покажуваат конкретни резултати.

„Исчистивме, досега, со проектите, над 15 диви депонии во Преспа, влегуваме во програмата за регионална депонија, преку програмата „ЕУ за Преспа“ исто така успеавме да ги исчистиме депониите и одиме чекор нанапред“ вели градоначалникот на Ресен, Јован Торзиевски.

Неопходно е да се активираат регионалните центри за управување со отпадот, но и да се вклучат сите: локалната власт, граѓанскиот сектор, индустријата, земјоделците, медиумите и граѓаните. Подигање на свеста на граѓаните во управувањето со отпадот клучно е за да профункционира системот и да се види конкретен напредок, велат од локалните институции.

„За да може да функционира сето ова, пред селекцијата, клучна е едукативна фаза каде што е потребно да допреме до секој жител на општината Ресен и да сфатиме сите која е тежината на создавањето на отпад, односно со третирањето на секој отпад на својствен начин“ потенцира Марчел Косентино Русу, Директор на ЈКП “Пролетер” – Ресен

Со воведувањето на регионален систем за управување со отпад, фрагментираните пракси за управување со отпад ќе се заменат со ефикасен и одржлив систем.

„Придобивките треба да бидат големи, ќе се намалат, место да имаме пет-шестнаесет депонии во овие два региона Пелагониски и Југозападен, ќе имаме една регионална депонија која што всушност ќе биде еден центар за управување со отпад. Потоа ќе имаме организирано собирање на различни фракции на отпад, ќе се изградат собирни центри во секоја од општините“ објаснува Емил Ангелов од Салар Интернационал.

До крајот на летото, 1500 жители од неколку населени места во близина на Преспанското езеро ќе добијат канализациска мрежа преку проектот „Тековни инфраструктурни интервенции и придобивки за одржлив развој на Преспа“. Со овој проект се очекува поголема заштита на биодиверзитетот и подобрување на квалитетот на водата во езерото.

„Секоја канализациона мрежа на крај завршува во мала пречистителна станица која што ќе ја прочистува водата со доволен квалитет за да на крај влезе во Преспанското езеро како краен реципиент“ вели Зоран Трајчевски од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП)

Додека се работи на решавање на проблемот со отпадот во Преспа. Ресен веќе започна со селекција на стакло, текстил и електронски отпад, а до септември годинава се очекува до домаќинствата да бидат поделени 2.000 жолти канти за хартија и пластика. До 2028 година, општината треба да добие и компостара и дробилка за градежен шут.

Но, за овие решенија да дадат резултат, потребни се и промени во секојдневните навики. Затоа, преку кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а поддржана од Европската Унија се работи на едукација и поголема вклученост на граѓаните во селекцијата и правилното одлагање на отпадот.

Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.

Поврзани објави