Се чистеше дивата депонија кај преспанското село Царев Двор
Со чистење на дивата депонија меѓу преспанските села Царев Двор и Езерани, започнаа еколошките акции што се предвидени во кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ќе ги спроведува здружението Еко герила Преспа. Во акцијата се вклучија волонтери од средното училиште во Ресен и основното училиште во Царев Двор, локалното население, претставници од бизнис заедницата, како и јавното комунално претпријатие „Пролетер“, кое ја поддржа оваа иницијатива.
Целта на оваа прва еко-акција е подигнување на свеста кај граѓаните за сериозноста на проблемот со отпадот и поттикнување на одговорно однесување кон животната средина. Во кампањата се предвидени 8 еколошки акции.
Регион Преспа се соочува со алармантна состојба – постојат дури 38 активни диви депонии низ регионот, се создаваат над 4.000 тони градежен шут и околу 700 тони старо железо годишно, а за останатите видови отпад, како што се батерии, масла, гуми и електронски уреди, не постојат официјални податоци. Со оваа еколошка акција се најавуваат и идни активности за решавање на проблемот со несоодветното депонирање отпад и создавање на поодговорна и поеколошка заедница во Преспа.
Кампањата ја спроведува Институтот за комуникациски студии во партнерство со Еко герила Преспа, а е финансирана од Европската унија.





















