Средношколците од Ресен ги засилија еко-пораките

Овој месец Преспа пулсираше со енергијата на младите, кои ја ставија животната средина во фокусот на дискусиите. Еко герила Преспа продолжи со низата интерактивни работилници за средношколците од училиштето „Цар Самоил“ во Ресен.

На четирите одржани работилници учествуваа 89 ученици од сите образовни насоки и од сите генерации – од прва до четврта година. Овие средби беа можност за искрен дијалог за актуелните еколошки предизвици со кои се соочува регионот, но и за заедничко барање решенија кои можат да придонесат кон почиста и поодржлива средина.

Младите преку кратки онлајн квизови, создадени за овие работилници, подлабоко ја разбираа темата за отпадот. Тие и практично ги решаваа тековните проблеми, така што поставуваа прашања, споделуваа примери од секојдневието и предлагаа креативни начини за намалување, реупотреба и рециклирање.

Работилниците завршија со конкретни предлози и препораки од учениците, кои изразија желба активно да се вклучат во идни активности преку училишниот еко-клуб. Нивната мотивација покажа дека еко-свеста расте и дека младите се подготвени на менување на личните практики за управување со отпадот што секојдневно го создаваат.

Еко герила Преспа ги реализираше работилниците како дел од кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС), а е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.

Поврзани објави