Ученици од Ресен во посета на Мониторинг станицата во Стење
По повод Светскиот ден на водата, 30-тина ученици од ОУ „Мите Богоевски“ од Ресен ја посетија Мониторинг станицата во Стење, каде преку презентации и дискусија учеа за состојбата на Преспанското Езеро, но и за тоа како несоодветното управување со отпадот директно влијае врз водата, живиот свет и природата во регионот.
Посетата беше организирана од Институтот за комуникациски студии, со цел учениците одблиску да се запознаат со значењето на заштитата на водите и последиците од неправилното одлагање отпад врз езерскиот екосистем.
За време на посетата, учениците се запознаа со работата на станицата, која од 2015 година ги следи квантитетот и квалитетот на водата, како и физичките и хемиските карактеристики на езерото. Преку разговори и презентации, тие дознаа повеќе за промените во состојбата на езерото, но и за последиците од фрлањето отпад во природа, несоодветното одлагање на ѓубрето и штетното влијание што таквите навики го имаат врз езерскиот екосистем. Беше посочено дека отпадот не ја загадува само околината, туку директно влијае и врз водните системи, растителниот и животинскиот свет, како и врз квалитетот на живот во Преспа.
Учениците имаа можност да слушнат и како климатските промени, заедно со човечкото однесување, дополнително го зголемуваат притисокот врз езерото. „Да не фрлаат ѓубре во природата, туку таму каде што треба, за езерото да не биде загадено“, порача ученикот Валентин Шундески. Неговиот соученик Димитар Лембовски истакна дека на езерото особено му штетат отпадот и неправилната употреба на вештачки ѓубрива.
Наставникот Лазар Дечков посочи дека посетата била значајна можност учениците на непосреден начин да научат повеќе за заштитата на водите и за одговорното управување со отпадот.
Посетата беше организирана во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Еко герила Преспа и Македонско еколошко друштво, со поддршка од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.









