Во пресрет на „Екологијада“, децата и волонтерите со еко-акција го разубавија Јанковец

Во пресрет на детската аматерска театарска претстава „Екологијада“, на 13 јули во Јанковец се одржа еко-акција организирана од Еко Герила Преспа, во која учествуваа триесетина деца, родители, мештани и волонтери.

Меѓу учесниците беа и децата кои се дел од претставата „Екологијада“, кои пред да ги пренесат еколошките пораки на театарската сцена, имаа можност да ја покажат својата грижа за природата и преку конкретна акција.

Заеднички беа исчистени училишниот двор, детското игралиште, селскиот двор и парк-шумата во Јанковец. Најголем дел од собраниот отпад беа пластични шишиња, лименки, најлони и различни видови амбалажа.

По чистењето учесниците разговараа и за правилното одлагање на отпадот и одговорниот однос кон животната средина.

Зад акцијата остана почиста околина, но и јасна порака – природата се сака со дела.

Дел од децата кои учествуваа во еко-акцијата ќе застанат и на сцената во детската аматерска театарска претстава „Екологијада“.

Претставата ја реализираат Здружението за граѓанска иницијатива во културата ЖАР – Преспа и Институтот за комуникациски студии, како дел од кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, поддржана од Европската Унија.

„Екологијада“ е едукативна претстава „од деца за деца“, која преку игра, музика, танц и актерска креативност отвора теми поврзани со зачувувањето на животната средина, правилното управување со отпадот и одговорниот однос кон природата.

Премиерната изведба ќе се одржи на 15 јули 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во Големата сала на Општина Ресен.

Поврзани објави