За почиста Преспа се потребни координација, конкретни мерки и заедничка одговорност
Преспанскиот регион може да биде почист само со сменета свест на секој граѓанин, а институциите да почнат да ги применуваат зацртаните планови за одржливо управување со отпад. Неопходно е да заживеат регионалните центри за управување со отпад, но истовремено треба да се вклучат сите – и локалната власт, и граѓанскиот сектор, и индустријата и земјоделците, медиумите и граѓаните. Ова беше една од клучните пораки од панел-дискусијата „За почиста Преспа: заеднички чекори за подобро управување со отпад“, која се одржа во Ресен.
Емил Ангелов од Салар Интернешнал го презентираше регионалниот план за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион. „Одредени општини ќе носат отпад директно во регионалниот центар Новаци, а дел ќе носат во претоварни станици. Ќе се формира регионално претпријатие кое што ќе го врши транспортот од општините до Новаци” – објасни Ангелов.
Зоран Трајчевски од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) зборуваше за тековните инфраструктурни интервенции во рамки на проектот „Тековни инфраструктурни интервенции и придобивки за одржлив развој на Преспа, поддржан од Европската Унија, како што е изградбата на канализациската мрежа што се пробива низ повеќе населени места како Брајчино, Царев Двор, Долно Дупени, Крани, изградбата на пречистителните станици, но и за статусот за обновата на граничниот премин Маркова Нога.„Придобивките од овие активности се неколкукратни: прво е за заштитата на биодиверзитетот, второ 1.300 луѓе ќе се приклучат кон канализациска мрежа, и трето ќе се подобри квалитетот на водата во Преспанското Езеро – директно или преку подземните води.“ – рече Трајчевски.
Локалното комунално претпријатие „Пролетер“ последните неколку години ги чисти поголемите диви депонии. Со помош на Европската Унија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) досега се исчистени шест од планираните девет диви депонии, а до крај на годината ќе се исчистат и останатите со што Ресен ќе биде целосно исчистен. Набавени се нови возила за собирање смет, течат неколку проекти за селекција на пластика, текстил, стакло, а догодина ќе профункционира и компостарата за органски отпад. Се прави и едукација во училиштата и градинките. „Најбитно е да допреме до свеста до секој човек. Поголема свест за селектирање ќе значи дека ќе плаќаме помалку за одлагање на отпадот“, рече директорот на ЈКП „Пролетер“ – Ресен, Марчел Косентино Русу.
Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски нагласи дека за Општината е важно не само да ги спроведува тековните проекти, туку и тие да станат одржливи и по нивното завршување. Еден од начините за справување со нелегалното одлагање на отпадот се и казните кои се предвидени со Законот за локална самоуправа и комуналните полицајци кои ќе имаат ингеренции да казнуваат. Ајман Ал Малла од Општина Ресен посочи дека три предизвици се клучни за почиста животна средина: одржливо управување со отпад, подигнување на јавната свест и јакнење на циркуларната економија.
Панел-дискусијата се организираше во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво, со поддршка на Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.
















