Жителите од Преспа бараат системски решенија на теренските дискусии за отпадот
Еко герила Преспа ја продолжува својата теренска едукативна кампања за управување со отпадот, овој пат со директни средби со жителите и земјоделците од преспанските села Стење, Долно Перово, Горно Перово, Дрмени и Лавци. Во разговорите, на кои присуствуваа околу 80 жители, локалците отворено ја споделија својата секојдневна мака со наталожените еколошки проблеми.
Граѓаните укажаа на неколку суштински предизвици – недоволно организирано управување со отпадот, отсуство на простор за депонирање кабаст отпад и амбалажа од пестициди, диви депонии кои повторно се појавуваат, несредени канали и речни корита, како и обрасната, неодржана вегетација околу нив. Овие проблеми, велат, директно влијаат и врз чистотата и врз нивното здравје.
Жителите ја упатија препораката до локалното комунално претпријатие „Пролетер“ да обезбеди алтернативни решенија за собирање отпад во руралните средини, како и јасен модел за одлагање на кабастиот отпад. Како потреба беше издвоено и поставувањето колективни контејнери за селектирање на пластика и хартија на централни локации, како и создавање механизам за безбеден поврат на амбалажа од пестициди.
На дискусиите се дадоа и позитивни предлози. Граѓаните изразија желба дивите депонии да бидат претворени во паркови, зелени точки или рекреативни зони, со што би се подигнала квалитетот на живот во заедницата. Исто така, голем интерес предизвика темата за компостирање, особено кај земјоделците кои бараат одржливи начини за справување со биолошкиот отпад.
Жителите од Преспа ги поддржуваат ваквите директни разговори бидејќи, како што велат, ја нагласуваат важноста од редовна комуникација со населението и заеднички пристап во креирањето решенија.
Дискусиите се одржуваат во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Еко герила Преспа и Македонско еколошко друштво, со поддршка од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.







