Грижата за животната средина започнува од мали нозе
Грижата за животната средина започнува со малите секојдневни навики, а децата можат да бидат вистински поттик за промени во целото семејство. Токму на тоа беше посветена работилницата за деца и родители, одржана на 8-ми октомври во детската градинка „11-ти Септември“ во Ресен, на која децата со помош на родители учеа за одговорното постапување со отпадот.
Првиот дел од работилницата, беше посветен на практиките за намалување на отпадот во домаќинствата, преку повторната употреба на материјалите и на амбалажа за повеќекратна употреба, како едноставни начини што можат да станат дел од секојдневните навики во семејството.
Наученото потоа го применија во дворот на градинката, каде заедно селектираа отпад и учеа како одговорно да постапуваат со него. Преку заедничко учење и личните примери, ваквите активности ги поттикнуваат децата од најрана возраст да развиваат навики за почиста животна средина.
Работилницата е дел од кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во партнерство со Еко Герила Преспа и Македонско еколошко друштво (МЕД), со поддршка од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.











