Семејна работилница покажа како отпадот може да добие нов живот
Со игра, креативност и заедничка работа на 20 родители и деца, во Ресен се одржа семејна работилница за креативната реупотреба на отпадот и заштитата на природата во Преспа. Градоначалникот Јован Тезиовски, кој присуствуваше на работилницата, ја истакна важноста на локалните иницијативи за заштита на животната средина.
Визуелната прошетка низ Преспа преку фотографии од езерото, неговите чисти делови и местата каде што отпадот е видливо присутен, ја отвори дискусијата за личната одговорност кон животната средина. „Што гледате?“, „Како се чувствуваат рибите и птиците?“ и „Што можеме ние да направиме?“ беа некои од прашањата за кои разговараа родителите и децата.
Најголемата возбуда следуваше со играта „Каде оди отпадот?“. Децата на возраст од 4 до 10 години учеа како правилно да селектираат пластика, хартија и стакло, а потоа, поделени во групи, учествуваа на неколку креативни станици. Од пластични шишиња се изработуваа риби и други животни, секое семејство направи хранилка за птици од реупотребени материјали, се учеше што може да се компостира, а со ролни и природни материјали се создаваа модели на растенија, куќички за птици и „хотели“ за инсекти.
На работилницата беше прикажано и едукативното видео „Како отпадот го менува пејсажот во Преспа“, кое дополнително им го претстави влијанието на отпадот врз природата и потребата од одговорно однесување.
Работилницата беше организирана од Македонското еколошко друштво во рамките на кампањата ,,Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС), а е финансирана од Европската унија преку програмата ,,ЕУ за Преспа”. Целта е преку интерактивни и едукативни активности да се развие еколошката свест во домаќинствата за влијанието на отпадот во Преспа и можностите за негово селектирање и повторно искористување.











































